Максим Димитриевски: Моето семејство поседува само 1.200 м2 од парцелата што му се продава на „Лидл“
Советот на Општина Куманово ја изгласа нацрт-измената и дополна на Деталниот урбанистички план (ДУП) каде што треба да се гради маркетот на „Лидл“ на местото на поранешен ЧИК на влезот од градот. Станува збор за површина од 42.000 метри квадратни, а дел од неа како порцела поседувало и неговото потесно семејство.
Изработката на нов Детален урбанистички план (ДУП) пред Општина Куманово беше на барање на инвеститорот, а иницијатори на измените во ДУП се Џино Реџина и Драган Митевски, кој е кум на градоначалникот Максим Димитриевски.
По неколкучасовната расправа, за измената на ДУП-от покрај советниците на мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и помалите коалициски партии од албанскиот блок, гласаше и ДУИ која е опозиција во Советот, додека против беа само СДСМ и Левица.
Градоначалникот Максим Димитриевски, како што пренесува СДК, на седницата рекол дека целата постапката е законска, и дека тој има големо семејство и роднини и не може да влијае кој каде ќе инвестира.
„Кои се мотивите на инвеститорите да го купат тоа земјиште треба да ги прашате нив. Не се работи за земјиште само на моите родители туку за членови на моето потесно и пошироко семејство, кои се наследници на 1.200 м2, од парцелата која што е 4 хектари. Јас вашата одлука како Совет ќе ја почитувам, ама никогаш нема да нарушам право на некого што му го овозможува законот да влезе во постапка за просторно и урбанистичко планирање на било која сопственост која ја поседува“, кажа Димитриевски.
Тој ја обвини опозицијата дека ја бојкотира најголемата инвестиција во последните 5 децении која ќе донесе нови вработувања, и кажа успеал да го заживее градот која предходната власт го уништила.
