Максим Димитриевски: Филипче никогаш не бил СДСМ, Царовска дојде од невладиниот сектор
Максим Димитриевски, новиот градоначалник на Куманово, во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 утринава рече дека СДСМ загубил голем број на гласачи поради тоа што во врвот на партијата немало луѓе по традиција блиски до социјалдемократската партија.
„Голем број никогаш не ни припаѓале на партијата, напротив биле поблиски до други политички опции. Ќе дадам и лични примери. Фондот во министерство за здравство го водеа луѓе кои не се блиски до СДСМ. Филипче никогаш не бил близок со СДСМ, Мила Царовска дојде од невладиниот сектор“, рече Димитриевски.
Тој додаде дека Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, од лукјратиовни причини бил во власта.
„Не доживеаја пораз само кандидатите, туку и политиките на централно ниво“, порача поранешниот градоначалник на СДСМ, кој овој пат победи како независен кандидат.
Тој рече дека премиерот во оставка Зоран Заев се уште не му честитал на победата, ниту пак некој друг од врвот од власта. Една од најголемите грешки на власта за поразот од опозицијата на локалните избори била комуникацијата со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.
За поразениот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека е голем визионер за тоа како да се развива еден главен град, но загубил поради политиките на власта.
