Максим Димитриевски: Барањето за екстрадиција на Груевски е институционална обврска
Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во гостување во „Топ Тема“ изјави дека постапката за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски не е завршена и дека ќе следи ново барање, кое, како што рече, е и институционална обврска. Тој нагласи дека процесот е во тек и дека се чека политички контекст во Унгарија, но обвини дека дел од политичките структури во земјава во минатото не покажале доволна одговорност во случајот со бегството на Груевски.
„Првично не е вистина дека нема барање за екстрадиција, има и тоа е во процедура упатено до пријателска Унгарија. Министерот даде своја изјава во делот дека се чека формирање на нова влада, но и дека повторно ќе има барање за екстрадиција. Впрочем тоа му е обврска“, изјави Димитриевски.
Во својот настап, тој упати и критики кон претходната власт предводена од СДСМ, обвинувајќи ја дека дозволила бегство на Груевски без соодветна политичка одговорност.
„Најзагрижени во оваа постапка се тие на Бихаќка, кои дозволија Груевски да им побегне а беа со апсолутна власт и немаше одговорност. Дури и министерот за внатрешни работи не одговараше, најдоа одговорност кај некој ситен полицаец“, рече Димитриевски.
