Макрадули: Власта има низа слабости, но отворањето теми за Гоце Делчев е „пукање во сопствената нога“
Јани Макрадули од СДСМ, во објава на социјалните мрежи упати критики за актуелните политички приоритети во опозициското делување, посочувајќи дека вниманието се пренасочува од клучните теми кон прашања кои, како што вели, ја ослабуваат борбата.
Тој наброја повеќе актуелни случувања кои, според него, треба да бидат во фокусот на опозицијата.
- „Унгарската врска пука по сите шавови; Тајландско селфи со народни пари; Известителот за Македонија, Вајц, со тврдење дека 8 од 10 обврски со рок до јуни не се завршени; Пад за три места на индексот за слобода на медиуми; Министерката за финансии со најнов ‘виц’ дека земји од Европа ќе банкротираат; Газење на политичкиот дијалог со насилие на мнозинството врз консензуалните договори“, наведува Макрадули.
Тој оценува дека ваквите теми се доволна основа за силна и аргументирана опозициска борба, но наместо тоа, се отвораат прашања кои не придонесуваат за таа цел.
- „Наместо тоа, пукање во сопствената нога со проблематизирање на улогата на Гоце Делчев“, пишува Макрадули.
Според него, ваквите дилеми не биле дел од политиките на СДСМ и претставуваат отстапување од државотворниот курс.
- „Овие дилеми никогаш не биле политика на државотворниот карактер на СДСМ и се директно ослабување на опозициската борба“, додава тој.
Макрадули повикува на јасно дистанцирање од, како што наведува, релативизирање на националните симболи, особено во пресрет на 4 мај.
- „Пред положувањето цвеќе, неопходно е јасно и недвосмислено оградување од секое релативизирање на националните симболи и историските личности. Пред 4 мај, тоа не е само политички чин, тоа е тест за кредибилитет и интегритет“, истакнува Макрадули.
Тој заклучува дека отворањето на вакви теми не претставува стратегија, туку оддалечување од суштинските прашања.
- „Отворањето на вакви прашања не е стратегија, туку отстапување од суштината каде што треба да се води борбата“, наведува Макрадули.
