Макрадули повика на единство во СДСМ: Лојалноста не е слепо следење, туку одговорност
Јани Макрадули од СДСМ, преку објава на социјалните мрежи се осврна на актуелните случувања во партијата и повика на единство, дијалог и одговорност во политичкото делување.
Макрадули во статусот потсетува на политичките околности од 2013 година, кога, како што наведува, СДСМ бил под силен притисок, а власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ била на врвот.
-
„Тогаш, по 24 декември, време кога немаше многу луѓе околу СДСМ, кога опозицијата беше под постојан притисок, неопределените загрижено гледаа од дома, мотивацијата беше на највисоко ниво. Теренот беше покриен од утро до вечер, не покажувавме со прст, не броевме – работевме“, напиша Макрадули.
Тој истакнува дека и покрај изборниот пораз во тој период, борбата за промени продолжила со концептот „Глас +“, кој според него претставувал политика на вклучување и обединување.
-
„‘Глас +’ беше повеќе од слоган, беше насока, политички концепт. Политика која вклучува, привлекува и се темели на принципите на слобода, еднаквост и солидарност“, наведува Макрадули.
Во објавата тој прави разлика меѓу лојалноста кон партијата и слепото следење, нагласувајќи дека вистинската лојалност подразбира одговорност.
-
„Лојалноста не е слепо следење. Лојалноста е одговорност – одговорност да мислиш, да кажеш и да создаваш“, пишува Макрадули.
Според него, партијата и државата не треба да бидат простор за „тивко климање со глава“, туку за луѓе кои активно придонесуваат и размислуваат.
-
„Партијата и државата не се простор за тивки климања со глава, туку за одговорни луѓе кои размислуваат, создаваат и придонесуваат“, наведува тој.
Макрадули додава дека во време на сериозни политички предизвици потребни се разум, зрелост и дијалог, наместо поделби.
-
„Тешките муабети не смеат да бидат катализатор на раслојување. Тие треба да бидат простор за зрел дијалог и аргумент“, истакнува Макрадули.
Тој оценува дека Македонија се наоѓа во неизвесен период и дека, како што наведува, потребни се сериозни промени.
-
„Македонија денес ги живее најнеизвесните денови. Власта нема план и концепт за ништо. Македонија мора да се промени, но првиот чекор започнува од сопствениот двор“, наведува Макрадули.
На крајот од објавата, тој повторно го потенцира концептот „Глас +“ како основа за идно политичко обединување.
-
„Концепт кој вклучува, концепт кој обединува и се отвора кон сите разумни, одговорни и вистински патриоти“, порача Макрадули.
