Економија, финансии, бизнис

Контакт

Макрадули ја поздрави одлуката на општина Центар за ревидирање на ДУП-овите

Макрадули ја поздрави одлуката на општина Центар за ревидирање на ДУП-овите

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, на денешната работилница за чист воздух и животна средина ја пофали одлуката на општина Центар да се донесат првите ревидирани Детални урбанистички планови (ДУП) откако на 27 декември 2017 беше донесен мораториум, односно беше стопирана реализацијата на 31 план.

– Кога зборуваме за иднината на градовите и за иднината на Скопје, јасно е дека не можеме тоа да го направиме изолирано, затоа ние заедно со Град Скопје и со УНДП градиме цврсто партнерство на заедничко креирање на иднината, со почитување на се што ќе кажат експертите и стручната јавност и добрите пракси од Европа, и само на тој начин може да дојдеме до решение. Очекувам плодна, дводневна работилница со корисни резултати што ќе бидат понудени на Министерството, на Град Скопје, но пред се на граѓаните, рече заменик министерот.

Тој го посочи фактот што Општина Центар ги донела детално урбанистички планови во кои одредени згради и хотели се вратени во зелена површина претставува пат по кој треба заеднички да се чекори.

Први планови кои се ревидирани се ДУП за Градска четврт И03, локалитет „Мирче Мацан“ и Градска Четврт И02, „Ново Маало 1“,

Со измените и дополнувањата на планот „Мирче Мацан“, кој го опфаќа делот кај средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“, избришана е маркица за зграда која со претходниот план имаше висина 6 ката плус поткровје. На местото на зградата со новиот план е предвидено зеленило. 

Инвеститорите со измените на плановите се обврзуваат да имаат најмалку 20 отсто зеленило во рамки на градежна парцела, согласно Законот за урбано зеленило, како предуслов за добивање дозвола за градба. Инвеститорите се обврзуваат и потребите за паркирање да ги остварат во рамките на својата парцела, наместо како до сега 20 отсто од потребите за паркирање да ги остваруваат на јавен паркинг.


Слично

Поврзани вести