Макрадули: Џабе комшиите полнат бензин кај нас, кога мерките ги празнат џебовите на нашите граѓани
Јани Макрадули од СДСМ, преку објава на социјалните мрежи се осврна на политичките случувања во Унгарија, порачувајќи дека вниманието мора да се насочи кон домашните проблеми и потребата од промени во Македонија.
Тој нагласува дека не треба да се прават паралели со странски процеси, туку фокусот да биде на домашната политичка реалност.
– Да се секиравме вака за Македонија како за Унгарија, гарант подобро ќе ни беше. Историјата нѐ учи дека револуцијата во една земја е уникатна, не се увезува и не се копира – пишува Макрадули.
Според него, промената на власта не доаѓа преку реакции на настани во други држави, туку преку кредибилна понуда пред граѓаните.
– До промена на власта не се доаѓа со постови за Унгарија, туку со гласање на кредибилна понуда, претставена со луѓе од доверба – наведува тој.
Макрадули смета дека на Македонија ѝ е потребна нова влада, и тоа во најкраток можен рок.
– А дека ни треба нова влада, немам дилема. И тоа час поскоро. Затоа што оваа ниту знае, ниту вреди – додава Макрадули.
Во објавата, тој посочува дека вистинските проблеми на граѓаните се занемарени, наведувајќи примери од образованието, економијата и социјалната сфера.
– Џабе победи Маѓар кога кај нас изгуби Универзитетот. Џабе Унгарија слави, кога во Македонија професорите молчат – пишува тој, додавајќи дека студентите и работниците се соочуваат со реални притисоци.
Макрадули апелира за создавање широк прогресивен фронт, кој, како што вели, треба да биде инициран од СДСМ.
– Иницијативата за прогресивниот фронт мора да дојде од СДСМ. Спремна за партнерства и за ветинг во сопствените редови, како прв чекор – нагласува тој.
Воедно, повикува и на институционални механизми за одговорност, споменувајќи ја можноста за надзорна расправа во Собранието.
– За милијардата, неколку пати сум предлагал надзорна расправа во Собрание. Надзорна веднаш – посочува Макрадули.
Тој заклучува дека промените во Македонија зависат од домашната политичка мобилизација и од способноста да се понудат конкретни решенија за граѓаните.
