Македонците чуваат 956,5 милиони евра во депозити во „Комерцијална банка“
Ревидираниот финансиски извештај, потпишан од независен овластен ревизор, покажува дека за една година од крајот на 2013 година до крајот на 2014 година граѓаните ги зголемиле нивните заштеди во „Комерцијална банка“ за 65,1 милиони евра, а банката за камати им исплатила 15 милиони евра!
Македонските граѓани во „Комерцијална банка“ чуваат 58,93 милијарди денари (околу 956,5 милиони евра) во орочени или по видување депозити, а тоа е 65,1 милиони евра повеќе од тоа што го имале на своите штедни книшки на крајот на 2013 година, покажуваат податоците од поединечниот ревидиран финансиски извештај на деловната банка која има најмногу заштеди во Република Македонија.
Податоците од извештајот, што денеска банката го објави на интернет страницата на Македонската берза, покажуваат дека „Комерцијална банка“ лани на своите штедачи – домашни физички лица, класифицирани во извештајот како домаќинства, им исплатила 15 милиони евра само по основ на камати за нивните штедни влогови. Износот на камати за домаќиствата што го платила „Комерцијална банка“ бележи пад од 161,4 милиони денари (2,62 милиони евра) во однос на исплатените средства за камати на домаќинства во 2013 година кои изнесувале 1,08 милијарди денари (17,62 милиони евра). Намалениот износ на исплатени камати се случува во период кога расте износот на заштеди на граѓаните, а е резултат на намалените каматни стапки воопшто во банкарскиот сектор во земјава.
„Комерцијална банка“ забележа рекордно висок износ на депонирани влогови во 2014 година, во годината кога одбележа 60 години од своето основање, и тој износ на 31 декември според ревидираниот извештај на независните ревизори изнесува 79,9 милијарди денари (речиси 1,3 милијарди евра). Со тоа „Комерцијална банка“ на крајот на 2014 година е банка со најмногу депозити (н.з. на други коминтенти ставка од која се исклучени само депозитите на банките) во споредба со своите најголеми ривали – големите македонски банки „Стопанска банка Скопје“ и “НЛБ Тутунска банка“.
Како се штеди?
Според штедната структура во деловната банка со најголема депозитна база (исклучени банкарските депозити) Македонците (граѓани, компании и здруженија) на крајот на 2014 година најмногу штеделе во денари. Од депозитната база од дури 43,5 милијарди се во денари што претставува 54,4 отсто од сите депозити. Во споредба со крајот на 2013 година оваа ставка во структурата на депозити бележи фантастичен раст од 5,5 милијарди денари односно бележи раст од 14,5 отсто. Во тростолбната структура втора по големи ставка се заштедите во евра и тие, на крај на 2014 година, се во износ од 30,36 милијарди денари денари, (околу 38 отсто од сите депизити на крај на 2014 година) а во однос на 2013 година пораснале за околу 1,5 милијарди денари. Очигледно е дека голем број коминтенти на банката се одлучиле да поповолните штедни услови за денарско штедење кои ги нуди банката. Депозитната база штедење во американски долари е најмала во штедната структура и изнесува 4 милијарди денари. Таа бележи намалување за 10 отсто во споредба со депозитната база во долари од крајот на 2013 година.
Слично
