Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Македонското чудо“ доживеа бум на посети во годините на пандемија

„Македонското чудо“ доживеа бум на посети во годините на пандемија

„Македонското чудо“ или „невиден феномен“ во светот како што ja нарекува Стево Степановски, сопствената библиотека „Ал – Би“ во селото Бабино, во години на пандемија, доживеа бум на посети.

Уникатна e по фонд од 20.000 книги, стари документи, првиот македонски Правопис, книги на арапски, турски, урду јазик и многу други, донесени од Истанбул, Анкара, Багдад, Дамаск, Техеран и многу други краеви на светот. Tие се собрани на едно место во ова демирхисарско село. Степановски вели дека неговата библиотека во околината на Демир Хисар има за 20 до 30 отсто повеќе посетители, откако коронавирусот се прошири во светот. Библиотеката ја посетуваат многу повеќе домашни гости, поради наметнатите ограничувања за патување, но не изостанаа ниту странците. Степановски додава дека оваа година имале туристи од десетина земји меѓу кои се Франција, Германија, Украина, Естонија, Русија, Колумбија, САД, Србија.

„Ние немавме никаква криза за гости, туку напротив имавме повеќе посетители отколку во претходните години. Ако во 2012 година која беше најдобра година за нас имавме 3.500 посетители, сега имаме за 20 до 30 отсто повеќе. Секој посетител остава свое мислење во книгата за впечатоци и тоа е една насока за нас, даваат предлози, се воодушевуваат. Од домашните гости кои дојдоа, ги прашавме дали прв пат доаѓаат, и верувајте дека 99 отсто кажаа дека прв пат ја посетуваат библиотеката. Странците многу повеќе знаат и го ценат трудот кој е вложен да се направи вакво нешто. Речното корито во селото е уредено, направени се доста работи, така што слободно можам да кажам дека местото е препородено. Членовите на моето семејство имале нагласени културни потреби, и ги собирале со години овие книги. Ова не е комерцијално, влезот не се наплаќа, а досега вкупно низ годините сме имале најмалку 20.000 гости“, вели Степановски.

Сепак, тој додава дека оваа библиотека, самиот објект, одржувањето, си бараат парични средства и апелира до надлежните државни органи да покажат грижа за духовното богатство кое го имаме, за да остане за идните генерации. Степановски објаснува дека во Бабино книгата отсекогаш се ценела, а тоа го поткрепува и со фактот дека од селото уште во минатото излегле над 70 учители. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести