Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонско потекло, шведски дрес и борбено срце: Интервју со Оливија Пановски-девојката која чекори кон светскиот врв

Македонско потекло, шведски дрес и борбено срце: Интервју со Оливија Пановски-девојката која чекори кон светскиот врв

Оливија Пановски е млада спортистка со македонско потекло, родена и израсната во Шведска, која уште од најрана возраст го пронашла својот свет во спортот. Прво започнала со гимнастика на само три години, а на седумгодишна возраст првпат се запознала со џиу-џицу – спорт што подоцна целосно ќе ѝ го промени животниот ритам. По првите натпревари во Шведска и Данска, каде што редовно освојувала прво или второ место, Оливија сфатила дека татамито е местото каде што најсилно се чувствува своја.

Денес, зад неа стојат бронза од Светското првенство во 2024 година, петто место на Европското првенство во 2025 година и сребрен медал од Европското првенство на Крит – успех што има уште поголема тежина бидејќи доаѓа по тешка повреда и долг процес на рехабилитација. Но, Оливија не зборува само за медали. Таа зборува за дисциплина, жртва, страв, враќање по пад и за тоа колку е важно девојките да веруваат во својата сила.

Во интервјуто за Женски Магазин, Оливија открива како започнало нејзиното патување со џиу-џицу, што ѝ значи македонското потекло, како ја доживеала повредата, но и кои се нејзините следни цели – шведско злато и настап на Светското првенство во Абу Даби.

ЖМ: Оливија Пановски кажи ни нешто повеќе за тебе  и како започна твоето патување со џиу-џицу?

- Веќе од 3-годишна возраст почнав на гимнастика а се запознав со џиуџитсуто на 7 години кога наши семејни пријатели ме поканија на еден тренинг. По кратко време почнав да се натпреварувам во Шведска и во Данска и секогаш освојував прво или второ место и ми беше многу забавно на натпреварите. 6 години ги тренирав двата спортови. Потоа добив нов тренер кој го виде мојот потенцијал и веруваше во мене. Тогаш решив целосно да се посветам на џиуџитсу и престанав со гимнастика. Почнав со многу напорни тренинзи одејки од два пати неделно до 4-5 дена неделно и 2024 год ме поканија како член во јуниорската репрезентација.

ЖМ: Родена си и се натпреваруваш за Шведска, но имаш македонско потекло – колку тоа значи за твојата спортска кариера?

- Тоа ми значи многу. Потеклото е дел од мене и секогаш сум сакала да ја доживеам македонската култура преку нашите традиции. И духовно и во смерот на спортот. Имам можност да ги одберам токму тие делови од двете култури (Шведска и Македонија) кои ги сакам и по тоа да се поставам и покажам. Кога последен пат бев во Македонија искористив прилика да тренирам таму, и беше добро и интересно да се направи таа размена на знаење и начин на тренинг.


ЖМ: Освои бронза на СП 2024 – како го доживеа тој момент?

-Тој натпревар е едно од моите најубави сеќавања досега. Чувството кога сите на глас броеја од 10 секунди до крајот на мечот беше неверојатно. Чувството потоа беше уште подобро кога истрчав кај најблиските и пријателите, и сите заедно се смеевме и плачевме од радост.


ЖМ: На ЕП 2025 стигна до 5-то место – што научи од тоа искуство?

- Дека не треба да се откажувам. На моите први две европски првенаства (2024 и 2025) завршив петта по пораз во бронзеното финале но продолжив да се борам – на други натпревари но пред се на тренинзите. Тоа ме научи дека не е секогаш лесно и дека патот до успехот кај секого е различен.


ЖМ: Минатата година се соочи со повреда – колку беше тешко да се помине низ тој период?

- Беше многу тешко ментално и физички, и сè уште е, иако процесот на заздравување оди напред. Во тој период мојот фокус беше да оздравам за да можам да се вратам на тренинзи и натпревари. Сепак се трудам да бидам внимателна и да го слушам телото и понекогаш постои страв повторно да се повредам но тоа не смее да ме запре.

ЖМ: Што најмногу ти помогна за време на рехабилитацијата – и физички и психички?

-Ми помогна тоа што имав јасна цел и што тренингот го правев да ми биде забавен. Исто така беше важно да се потсетам зошто паузирав и зошто ја правев цела рехабилитација. Ментално ми помогна дружењето со пријателите и разговорите за повредата, бидејќи ми беше полесно кога ја споделував мојата грижа. 


ЖМ: По само 6 месеци се врати и освои второ место на Flanders Open во Белгија – дали тоа беше твојот „комбек“ момент?

-На Flanders Open отидов повторно да го почувствувам татамито и да се  потсетам и навикнам на чувствата пред борбата. Секако сакав медал, но најбитно ми беше да се тестирам и да видам колку добро можам да настапам без многу тренинг пред тоа. Би рекла дека мојот вистински „камбек“ момент беше на Европското првенство.

ЖМ: Предходниот месец освои сребро на ЕП на Крит – дали ова е твојот најголем успех досега?

- Тешко е споредување на  медалите бидејќи условите на секој натпревар се различни, како и мечевите. Секако, среброто е дефинитивно еден од моите најголеми успеси и еден од оние со кои сум најзадоволна и горда, бидејќи патот до таму беше многу тежок, особено поради повредата. Ме радува дека сè што правев до самото постигнување вредеше, секоја капка пот и секоја пролеана солза.


ЖМ: Колку дисциплина и жртва бара овој спорт, особено на млада возраст?

- Секако бара многу време, дисциплина и жртвување. Човек се учи како да ги приоритизира важните работи и дека не може да се има сè што сакаш, кога ти сакаш. Потребно е да го правиш тоа што мораш, да тренираш и кога си уморен или немаш мотивација. Иако те боли телото и понекогаш душата. Понекогаш е уште потешко затоа што е индивидуален спорт и сè зависи од тебе, а исто така понекогаш не можеш да се посетиш со пријателите. Но, вреди – особено после натпреварите и пласманите кога конечно можеш да се дружиш со нив.

ЖМ: Што би им порачала на девојките кои се двоумат да почнат со боречки вештини?

- Би рекла дека боречките вештини носат многу позитивни работи. Се учи почит, дисциплина, се тренира и се забавуваш, а исто така стекнуваш пријатели за цел живот. Освен тоа, стануваш многу посигурна во себе бидејќи можеш да се одбраниш и се чувствуваш силно.


ЖМ: Кои се твоите следни цели – дали наскоро ќе те видиме на врвот на Европа или светот?

- Моите следни цели се прво место и златен медал на Шведското првенство во мај месец, и потоа се надевам дека ке бидам избрана за Светското првенство во Абу-Даби во август и да освојам медал таму!


ЖМ: Дали некогаш би сакала да се натпреваруваш за или да бидеш повеќе поврзана со Македонија преку спортот?

- На натпреварите се среќавам со македонската репрезентација и секогаш разменуваме по некој збор, по некоја мисла. Би сакала да постои соработка помеѓу државите и тимовите, да би можеле заедно да тренираме и разменуваме знаење.


Ирена Ставрова

Фото: приватна архива


Слично

Поврзани вести