Македонските возови ќе се движат двојно побрзо, наместо со 50 – со 100 километри на час!
Возовите кон Неготино наскоро ќе јурат со 100 до 120 километри на час. Пругата од Ногаевци до Неготино ќе се реновира и ќе биде готова за една година. Бугарската компанија ЦК-13 Холдинг ЈСЦ ја доби работата. Денеска во Скопје беше потпишан Договорот со Македонски железници – Инфраструктура.
Како што најавија надлежните, за една година че ги снема 28-те црни точки на железничките пруги низ државата каде возовите мораат да се движат побавно поради старите и дотраени пруги. Пругата е дел од Коридотот 10, а последниот ремонт делницата го имала речиси половина век.
За реконструкција на делницата долга 31 километар, обезбедени се средства во висина од 9,5 милиони евра. Парите ги дава Европската банка за обнова и развој за комплетна замена на дотраените дрвени прагови со армирани бетонски, комплетна замена на постоечките шини со нови и за реконструкција на пероните на стојалиштата.
„Првпат ќе се вградат шини стандард 60 кои се новитет во Македонија што значи дека ќе се создаде поголема стабилност за поминување на возовите и ќе се добие проектираната брзина на возовите од 100 до 120 километри на час“, изјави директорот на Македонски железници – Инфраструктура, Ирфан Асани.
Ова е голем чекор напред и за министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
„Она што е најважно е дека ќе се зголеми брзината на возовите за двапати, односно сега просечната брзина е 50 до 60 километри на час, а согласно европските стандарди што сакаме да ги постигнеме брзината ќе биде од 100 до 120 километри на час. Сакам да истакнам дека има делови од оваа делница на кои сега возовите се движат со брзина од 30 до 40 километри на час така што ќе има и целосна градба на нови пруги бидејќи не може целосно да се реконструираат тие делови од оваа делница“, изјави Јанакиески.
Слично
