МАКЕДОНСКИТЕ ВОЗАЧКИ ПРИЗНАЕНИ ВО ГЕРМАНИЈА: Со кои пет земји се преговара за истото?
Потпишан е договорот за взаемно признавање на возачките дозволи со Германија.
Првиот човек на македонската полиција, Оливер Спасовски и германскиот амбасадор, Томас Герберих денеска во Скопје ја потпишаа заедничката декларација меѓу македонското МВР и германското сојузно министерство за транспорт и дигитална инфраструктура, за олеснување на постапките за меѓусебна замена на возачките дозволи на граѓаните од Република Македонија и Сојузна Република Германија .
„Денешниот ден е многу значаен затоа што потпишуваме долгоочекуван договор, договор за кој најдовме начин да ги завршиме преговорите и да го потпишеме. Знаете дека овој процес на разговори трае многу долго и навистина сум среќен што успеавме за една година да ги отстраниме сите пречки кои што беа за да се склучи еден ваков договор“ - рече Спасовски.
Овој процес со години беше заглавен во лавиринтите на меѓусебното нормативно усогласување помеѓу надлежните служби на Република Македонија и СР Германија, без надеж за успешно решавање на отворените прашања.
„Граѓаните со право беа нестрпливи, затоа што со години им беа давани празни ветувања“- додаде Спасовски.
Сепак, со потпишувањето на Декларацијата, ќе им овозможат на нашите граѓани, од двете пријателски земји, да ги користат бенефитите од меѓусебното признавање на возачките дозволи.
Такви и слични договори веќе имаме со повеќе европски земји како Италија, Шпанија, Белгија, Романија, Чешка, Унгарија, Австрија, со земјите од регионот - Србија, БИХ, Албанија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, а во завршна фаза се договарањата со Турција, Велика Британија, соседно Косово, како и Австралија и Нов Зеланд.
