МАКЕДОНСКИТЕ ПАРАЈЛИИ ЌЕ „ПРОБААТ“ И ОД ГРАЃАНСКАТА ОБВРЗНИЦА - Бесими: За 100.000 денари ќе си земете 10.000 како камати
Има интерес за граѓанската обврзница и до крајот на неделата се очекува да надмине 50 проценти од предвидениот износ од 10 милиони евра, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во видео интервјуто за МИА. Аукцијата е закажана за четврток (13 јули), а министерот Бесими посочува дека се работи за транспарентна, едноставна и поволна безризична финансиска инвестиција која нуди низа поволности за граѓаните.
Она што се очекува следната недела е првата емисија и нудиме поволни услови – пет проценти камата, рокот на доспевање е две години. Тоа значи дека граѓаните што ќе се одлучат да вложат во оваа обврзница, имаат неколку бенефиции. Прво, ова е безризична инвестиција. Второ, граѓаните ќе добијат околу пет проценти камата во однос на влогот. Една обврзница што ќе се издава на аукција е 10.000 денари и доколку некој се реши да инвестира околу 100 илјади денари на 20 јули следната година ќе има пет илјади денари принос од камата. Наредната година уште пет илјади денари што значи вкупно 10.000 денари камата за 100.000 денари, истакнува Бесими.
Преку објава на Фејсбук вчера министерот соопшти дека поднел барање за купување на една обврзница.
