Македонскиот полициски синдикат го повика МВР во целост да го расчисти случајот со нападот врз полицајката
Од Македонскиот полициски синдикат упатуваат барање до Министерството за внатрешни работи, за целосно да се расчисти случајот со функционерот на ДУИ кој утрово вербално нападна полицајка.
„Македонскиот полициски синдикат најостро го осудува денешниот вербален напад од страна на познат граѓанин кој е дел од политичкиот живот на Република Македонија врз полицискиот служеник кој преземал полициски овластувања при вршење на службени задачи. Ваквите акти претставуваат директен атак врз полициската професија и се уште повеќе загрижувачки кога доаѓаат од граѓани кои треба да се залагаат за почитување на правниот поредок во државата. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи во целост да го расчисти случајот, а со тоа и да ја зголеми сигурноста на своите вработени“, порачаа од синдикатот.
Од Македонскиот полициски синдикат додаваат дека тие до Министерствата за внатрешни работи и Министерството за правда предложиле определени решенија кои ќе придонесат за поголема заштита на полициските службеници.
