Македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ ќе биде преселен во други простории
Oд ОМО Илинден Пирин објаснуваат дека македонскиот клуб во Благоевград во Бугарија нема да биде затворен, туку ќе биде преселен во други простории.
„Прво, Клубот не се затвора, но ќе мора да се премести, затоа што сопствениците беа заплашени неколку пати и не смеат да продолжат со договорот. Клубот таму престојуваше не 6 месеци, туку 1 година. Второ, сите членови на сите Организации се канети и примани во клубот. За присуство во клубот и учество во неговите активности или организираните од него свечености од никого ништо не е барано. Трето, бугарските власти вложуваат огромен напор да не дозволат да се отворат македонски клубови или да им се одземат просториите на оние што постојат“, соопшти ОМО Илинден Пирин на социјалните мрежи.
Претходно овој клуб беше мета на вандали. Лица кои работат во локалната самоуправа го гаѓаа со камења клубот. На отворањето на клубот лани присуствуваа повеќе македонски политичари.
