Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонскиот гласач станува незаинтересиран - дали ова ќе ги загрижи партиите?

Македонскиот гласач станува незаинтересиран - дали ова ќе ги загрижи партиите?

Македонските гласачи немаат голема доверба во партиите и политичарите.

Повеќе анкети кои се направени во текот на 2018 година покажуваат дека сериозен процент од граѓаните не сака да гласа или одговараат дека не знаат за кого ќе гласаат доколку се одржат избори.

Анкета на МЦМС и Телма, која ја направи М Проспект објавена месецов покажа дека бројката на граѓани кои нема да гласаат на евентуални избори се 21.3%. На истата анкета 39.9% од испитаниците одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар.

„Ова значи дека избирачот станува сѐ поцврсто определен во ставот дека треба да се запрат неодговорните политики на трите носечки партии и дека му треба суштински нова понуда. Нема да излезам, значи дека без нова понуда нема намера да излезе“, вели поранешниот министер, Ненад Новковски.

Голем е бројот на граѓаните кои се презаситени од политика, разочарани и велат дека нема да гласаат.

„Кога и да има следни избори нема да гласам за никого. Ова што се случува во државата е претерано. Не сум задоволен, нема да гласам затоа што и онака ништо не се менува“, вели Бобан Т. од Куманово.

Граѓаните ги загрижува невработеноста, ниските плати, лошиот стандард.

„Ниту се работело во градот, ниту пак сега се работи нешто за да биде подобро. Пола град избега во Германија, народот си замина, и секако дека политичарите се виновни, ние не сме криви. Досега излегував гласав, и во иднина ќе излезам само колку моето гласачко ливче да не биде злоупотребено“, раскажува жител на Свети Николе.

Aцо Ц. граѓанин од Струмица, порачува партиите да се свестат малку и да мислат на народот.

„За мене е оправдано што многу луѓе не сакаат да гласаат, нема промени, субвенциите се само едно залажување колку две сметки струја да се платат и толку. Пласман нема, цена нема. Јас сум во контакт со многу луѓе и велат дека нема да излегуваат на гласање, посебно земјоделците немаат доверба ниту во едните, ниту во другите“, вели тој.

Поранешниот пратеник и советник, Бранко Арсовски од Куманово вели дека оваа бројка на гласачи кои не планираат да излегуваат на избори не го загрижува, затоа што смета дека тоа најверојатно се луѓето кои обично не гласаат или дел кои веќе гласале, но се разочарани и повеќе нема да гласаат.

„Ако се земе в предвид дека излезноста на избори е од 54 до 65%, тогаш тие 21.3% најверојатно се тие кои не излегуваат, но сигурно има и некој процент кои претходно гласале, а сега не сакаат да гласаат. Луѓето се разочарани, нашето општество е поделено, нема некоја позитивна енергија да зрачи. Партиите немаат начин тие гласачи да ги анимираат, затоа што ја изгубиле веќе довербата, освен да се организира некоја дебата да се објасни што значи нивното гласање, макар било и негативно“, рече Арсовски.

Тој смета дека на граѓаните им пречат популистички мерки и не се задоволни од општеството во кое живеат.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести