Македонската килибарна ракија: За консументи со префинет вкус
„Гевгелиска дестилерија“ се занимава со производство на квалитетни алкохолни пијалаци со единствен и префинет вкус.
Приказната на Гевгелиска дестилерија започна пред многу години, како сон и визија на Александар Попов, претприемач и ентузијаст, чија желба беше во родниот крај да создаде бренд кој ќе го стави гевгелискиот регион на светската мапа на производители на алкохолни пијалаци со врвен квалитет.
Препознатливи се по ракијата која е направена на врвен начин, а воедно претставува и заштитен знак на брендот.
Гордион Амбер е ракија која е уникатна... За неа и приказната за Дестилеријата ни ја раскажува Александар Попов.
Уникатниот производ има и уникатно име - „Гордион Амбер“. Како настана името на првиот производ на „Гевгелиска дестилерија“?
- Името на нашата гордост „Гордион амбер“ асоцира на неговото географско потекло, односно на Гортинија - старото име на Гевгелија, добиено по кралот Гордион. Втората асоцијација е килибарната боја по која е препознатлива нашата ракија.

По што е најпрепознатлив производот? Дали има посебен начин на создавање?
- Килибарната боја секако, но за да се стигне до неа клучни се неколку елементи што се обидовме да ги споиме во нашата крафт ракија. Потеклото или сончевите зраци на југот, благата медитеранска клима, вековната традиција на гевгелискиот регион и мирисот на автентичното македонско грозје, со префинет вкус. Во производството користиме двојна дестилација на младо вино, според прецизно дефинирана и нијансирана рецептура, во традиционален аламбик казан. Притоа користиме внимателно селектирани сорти грозје од прва класа, кои се одликуваат со здраво зрно, соодветен број шеќерни единици, правилно оформен грозд и без дополнителни примеси. И крајно, подеднакво важно, за Гордион Амбер се користи исклучиво срцевината од дестилатот.
Како би го опишале вкусот на Гордион Амбер? Што е она што го прави специфичен?
- Гордион Амбер е висококвалитетна craft ракија за конзументи со врвен и префинет вкус. Се одликува со привлечна и мека арома на ванила. Тоа, меѓу другото се должи и на начинот на чување во буриња изработени од стогодишно француско дабово дрво што на ракијата ѝ дава дополнителен луксузен шмек. Може да се пие и со и без храна. За гурманите, препорачуваме го комбинираат со апетисани или комбинација од пршута и овошје како диња или суви урми.

Која е вашата целна група потрошувачи и дали Гордион Амбер е пијалак во кој може да уживаат и дамите?
- Гордион Амбер е пијалак за луѓе со изграден вкус, за љубопитни и за истражувачи на нови дестинации. Ние, а сега веќе и нашите верни потрошувачи ја дефинираме како пијалок совршен за after work дружба со колегите или вечерно опуштање со пријателите. Ние сме убедени дека дамите особено ќе уживаат во нашата ракија, бидејќи се одликува со мека арома и префинет шмек. Всушност, кога размислувавме за вистинските обожаватели на Гордион Амбер, размислуваме за луѓе кои знаат што сакаат, за оние кои консумираат одговорно и со стил. Ние милуваме да кажеме дека добрите пијалаци се пијат во мали количини.
Кажете нѝ нешто повеќе за Гевгелиска дестилерија? Како дојдовте до идеја да се занимавате со производство на ракија?
Приказната на Гевгелиска дестилерија започна пред многу години, како сон и визија во родниот крај да создадеме бренд кој ќе го стави гевгелискиот регион на светската мапа на производители на алкохолни пијалаци со врвен квалитет. Сонот почна да станува реалност во 2016 година кога ги купивме првите лозови насади во околината на селата Моин и Ново Којнско. Наредната година, произведовме мали количини ракија и истите ги созреавме во дабови буриња. По созревањето повикавме неколку дегустатори да направат евалуација на нашиот производ. Ракијата беше одлична, со автентичен вкус и арома, а реакциите на дегустаторите исклучително позитивни. Ова беше мотив да инвестиравме во изградба на модерен капацитет и опрема, со цел и мисија да произведеме традиционален производ – craft лозова ракија без додадени вештачки/синтетички адитиви и без конзерванси. Ракија која не содржи екстракти за ароми и вештачки супститути на шеќер. Нашиот концепт не се темели исклучиво на производство и продажба на ракија. На нашите купувачи им нудиме комплетно искуство, кое вклучува дегустација во нашата дестилерија, запознавање со процесот на производство, уживање во прекрасното природно опкружување и еко-просторот на кој е лоцирана Гевгелиска дестилерија, како и разгалување на сетилото за вкус со совршена органска храна и врвен пијалак. Нашата визија е Гевгелиска дестилерија, покрај производствен капацитет, да стане и едукативен центар за млади дестилери, како и омилено место за „дегустаторски“ туризам во едно од еколошки најчистите места во Европа.
Повеќе на Машки магазин
