Македонската амбасадорка се објаснуваше во српското МНР
Макеодонската амбасадорка Вера Јовановска Типко во српското МНР даде исказ за случувањата од 27 април во Собранието на Република Македонија поврзани со агентот на БИА Живаљевиќ, како и за наводното прислушкување на македонскиот пратеник Стоиљковиќ со српскиот новинар Лазански.
Амбасадорката Типко објаснила дека македонските власти немаат информација за присуство на други странски служби во Парламентот ноќта додека се случуваше крвавиот инцидент и беше претепан лидерот на опозицијата Зоран Заев.
Таа исто така немала објаснување како транскриптите со разговорите на лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, дошле до медиумите, објаснувајќи дека во Македонија е во тек транзиција на власта така што „очекува во наредниот период да бидат надминати овие недоразбирања“.
Македонската амбасадорка беше повикана на итен разговор во тамошното МНР за да ги објасни околностите што довеле до прислушкување на телефонот на српскиот разузнувач во амбасадата, Горан Живаљевиќ, што Белград го нарекува советник.
Дачиќ вчера тргна во дипломатски напад со тезата дека таа ноќ во Парламентот не бил присутен само тој, туку американски, германски и француски разузнувачи, покрај останатите прашувајќи реторички зошто сме зачудени од присуството на српскиот, но не и на останатите.
Во тој правец во српското МНР бараа од амбасадорката Јовановска да објасни дали на разговор во нашето МНР се повикани амбасадорите на сите тие земји или само нивниот.
Македонската амбасадорка била примена од помошник министерот за надворешни работи Горан Алексиќ и шефот кабинетот на министерот за надворешни работи Дејан Златановиќ кои побарале од неа да ги пренесе во Скопје очекувањата во Србија дека добрососедските односи можат да се развиваат и унапредуваат само „врз основа на меѓусебно уважување и почитување на општоприфатените дипломатски принципи, како реципроцитетот и рамноправниот третман на сите членови на меќународната заедница“.
Извор: makfax.com.mk
