Економија, финансии, бизнис

Контакт

„МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ СО ГОЛЕМ ПРЕСВРТ – минатата година ја завршија со солидна добивка, растот достигнал 31 отсто

„МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ СО ГОЛЕМ ПРЕСВРТ – минатата година ја завршија со солидна добивка, растот достигнал 31 отсто

Хотелиерското друштво „Македонијатурист“ минатата година успеа да оствари неверојатен раст, кој се должи на растот на основната дејност на компанијата, но и на повисоки дивиденди од вложувања во хартии од вредност, покажува нивниот годишен извештај за 2025 година објавен на Македонска берза.

Согласно податоците на компанијата „Македонијатурист “ во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година остварила добивка по оданочување од 223,847 милиони денари или околу 3,64 милиони евра.

Со ова како што е посочено во извештајот достигнат е раст од 31 отсто во однос на 2024 година, кога добивката изнесувала 171,468 милиони денари или околу 2,79 милиони евра.

- Оперативната добивка од основната дејност достигна 135,369 милиони денари  или околу 2,20 милиони евра, наспроти 96,364 милиони денари или околу 1,57 милиони евра во 2024 година.

Вкупните приходи за 2025 година изнесуваат 643,6 милиони денари, односно околу 10,47 милиони евра, и се зголемени за 25,16 проценти во однос на 2024 година, кога изнесувале 514,24 милиони денари, околу 8,36 милиони евра – стои во извештајот.

Како што е познато друштвото е сопственик на хотелите Холидеј Ин, Карпош, Водно, Бристол, Јадран, Best western, Bellevue...

Во извештајот исто така е посочено дека оперативните приходи достигнале 536,865 милиони денари, околу 8,73 милиони евра, што е раст од 28 отсто во споредба со 419,749 милиони денари или околу 6,83 милиони евра во 2024 година.

-  Растот е резултат на зголемен број ноќевања, повисоки приходи од основната дејност и зголемени други оперативни приходи.

Финансиските приходи во 2025 година изнесуваат 106,735 милиони денари, околу 1,74 милиони евра, што е зголемување од 13 проценти во однос на 94,490 милиони денари околу 1,54 милиони евра во 2024 година, главно поради повисоки дивиденди од вложувања во хартии од вредност – се појаснува во извештајот.

Вкупните трошоци и расходи од работењето достигнале 405,18 милиони денари (околу 6,59 милиони евра), што е зголемување од 23 проценти во однос на 328,49 милиони денари (околу 5,34 милиони евра) во 2024 година.

Оперативните расходи изнесуваат 401,496 милиони денари (околу 6,53 милиони евра), во споредба со 323,386 милиони денари (околу 5,26 милиони евра) претходната година. Финансиските расходи се намалени за 28 отсто и изнесуваат 3,6 милиони денари (околу 60 илјади евра), наспроти 5,1 милиони денари (околу 83 илјади евра) во 2024 година.

-  Во текот на 2025 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување. Иако од 1 јануари 2025 година започна примена на новата регулатива поврзана со сметководствените стандарди, со акцент на МСФИ 15 и МСФИ 16, Друштвото нема промени во своите политики бидејќи не генерира приходи со идно извршување ниту користи објекти и опрема на долгорочен наем.

На Собранието на акционери одржано на 26 мај 2025 година не е донесена одлука за исплата на дивиденда, а добивката од 2024 година од 171,468 милиони денари (околу 2,79 милиони евра) е распределена како реинвестирана добивка. Во извештајниот период нема нови кредитни задолжувања – се потенцира во извештајот.

Во текот на 2025 година се реализирани инвестиции во угостителските капацитети во износ од 44,621 милиони денари или околу 725 илјади евра, насочени кон реновирање и модернизација. Дополнително, Друштвото вложило 168 милиони денари или околу 2,73 милиони евра во хартии од вредност и 250 милиони денари, околу 4,07 милиони евра во удели во отворени инвестициски фондови.

Раководството оценува дека планот за 2025 година е целосно исполнет, при што приходите од основната дејност го надминале планот за 4 отсто. И покрај привремено намалениот обем на работа во дел од објектите поради градежни активности, Друштвото очекува овие инвестиции на долг рок да донесат повисоки приходи и дополнителен раст на оперативната добивка.

Инаку од минатата година има промена во сопственичкиот уддел на нашата најголемата хотелиерска компанија, кога во сопствеништвото влегоа нови акционери.


Слично

Поврзани вести