Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонија живее во филмот “Дивиот запад”

Македонија живее во филмот “Дивиот запад”

“Во каубојските времиња на американскиот Див запад, во градовите се избираше еден градоначалник и еден шериф. Тие имаа задача да го организираат животот во градот и безбедноста, јавниот ред и мир на граѓаните. Потоа, одненадеж еден ден во градот ќе се појавеше непозната и неповикана група револвераши кои со насилство и револвери едноставно ја преземаа градската власт во свои раце, го конфискуваа целото богатство и живееја на грбот на месното население. Најзначајно средство за мирно владеење со градот беше стравот кој револверашите/насилниците го внесуваа во душите на луѓето. Претепување, рекетирање, па дури и одземање на живот беше редовна практика. Луѓето ги свиткуваа своите глави, ја живееја својата зла судбина, чекаа и молчеа... На редовните неделни миси упатуваа пораки до Бога да се смилува на нив и да ги протера и казни насилниците.Но, за волја на вистината, некои граѓани од клиентелистички побуди со тек на време почнуваа да соработуваат со револверашите/насилниците”- иако ова звучи како сценарио од холивудски филм многу лесно филмуваната приказна може да се препознае и на нашите простори, вели за Фактор, универзитетскиот професор Ѓорѓи Тоновски.  

Деновиве македонската јавност  според него живее во филмот  “Дивиот запад”, кога никој не знае од каде доаѓа опасноста, сите се во исчекување на конкретен чекор и херојство за спас, а секој ден е понеизвесен од претходниот.

“Во Македонскиот Парламент се случуваа грозоморни настани наочиглед на целата јавност. Тие збиднувања со крвави траги не натераа да се соочиме со сега веќе верификувано сознание дека во партијата на Никола Груевски навистина постои еден длабоко фундиран, моќен и контролиран од врвот на ДПМНЕ слој на припадници на подземјето, на луѓе со досиеја за сторени тешки социопатолошки и криминални дејанија и со големо затворско искуство. Веројатно е дека овој слој немал влијание врз градењето на партиската политика и стратегија, меѓутоа, судејќи според покажаното ниво на бездушност, како и силината на суровост што го манифестираа при насилството во Парламентот, припадниците на овој слој сигурно во ДПМНЕ имале улога на перјаница тнр. фаланга, или ударна тупаница за примена на сила („ќе ги фрлиме во ендек сите”) во случаи кога требало да се врши „пријателско убедување” на гласачите или на политичките противници”- потенцира професорот Тоновски. 

Македонската јавност  вели е збунета, изненадена но и револтирана од грозоморните сцени кои сеуште се свежа рана на кревкото демократско општество. Одеднаш според него јавноста  сфати дека вакви типови и вакви сцени не се случуваат само во американските филмови, кои на крајот сепак завршуваат со хепиенд, туку се доселија и во нашиот социјален амбиент и  стануваат наше секојдневие.

 Во земја во која малцинството го тероризира изборното мнозинство, според професорот едни се газди и врхушка, други се клиентела на газдите и властодршците и се во функција на чување на нивното „легитимно и легално” владеење надвор од уставните и демократските принципи и стандарди. А граѓаните, како што вели иако свесни за вистината, се неми сведоци на овие случувања со кои им се кројат судбините и чекаат. Го чекаат денот кога револверашите ќе бидат дефинитивно победени од храбриот каубоец, или од федералниот маршал.

“На крајот од  дејствието  во каубојската приказна секогаш се појавува херојот – осамениот храбар и вешт на пиштоли и тепачки каубоец, или пак федералниот маршал кого некој похрабар од градот го известил за неволјата на граѓаните.Тој презема радикални мерки за безбедност на граѓаните и за уништување на бандата која ги тероризира мирните трудољубиви граѓани на малото место некаде таму на Дивиот запад. Приказнава звучи познато и асоцира збиднувања во градови и земји на територијата на Западниот Балкан. Особено се препознава во приказната за „заробената држава”, за намерата вечно да се остане на власт без разлика на обезбеденото парламентарно мнозинство, како и во клишето за клиентелизмот”- додава универзитетскиот професор.

Електоратот како што вели таква улога ја додели на Зоран Заев. Сега се  чека финалето. Народот вели: Забавено, ама не заборавено... Во исто време, потенцира професор Тоновски, претседателот на државата го трча почесниот или последниот круг.

Од крвавиот четврток според професорот  нешто чудно се промени во однос на македонските прилики и традиција. Настаните и насилството се покажаа како сурова реалност која го  извртува имиџот за мирната македонска земја во која живеат само мирни, трудољубиви и добродушни луѓе.

С.Б.

Слично

Поврзани вести