МАКЕДОНИЈА ВО ЧЕКАЛНАТА: Фајон вели дека од одложувањето на преговорите ќе трпат штети македонските граѓани
Извесно е дека поради вето од Бугарија, Македонија ќе остане во чекалната на ЕУ.
Клучно е Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ, вели европратеничката од Словенија, Тања Фајон за МИА.
Таа попладнево изјави дека земјите членки на ЕУ не смеат повеќе да го одлагаат отворањето на преговорите за членство со Северна Македонија и ги повика да ја преземат својата одговорност, јави дописничката на МИА од Брисел.
„Денеска Советот не само што има шанса, туку има обврска да го исполни своето ветување дадено во март, да ги отвори пристапните преговори со земјата“, изјави Фајон.
Вели дека земјава ја исполни својата работа, секое дополнително одлагање ќе им наштети пред сѐ на нејзините граѓани посебно во овие времиња на пандемија кога економскиот и социјалниот развој се неопходни на земјата.
Премиерот Зоран Заев вчера соопшти дека нема да има добри вести од Брисел.
Опозицијата бара одговорност од Владата за бугарското вето, што го оневозможи одобрувањето на преговарачката рамка за Македонија.
ВМРО ДПМНЕ оценува дека владата со лаги ги зголеми очекувањата на граѓаните дека ќе започнеме преговори за членство.
Претходно, Франција беше земја која се спротивстави на одлуката Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ.
