Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Македонија требаше да биде само транзит, но нè задржа со својата топлина и гостопримливост“: Силвиа и Марио од Австрија за патувачката авантура на четири тркала

„Македонија требаше да биде само транзит, но нè задржа со својата топлина и гостопримливост“: Силвиа и Марио од Австрија за патувачката авантура на четири тркала

Еден млад пар од Австрија сосема случајно, со една идеја и комбе, ја започнал својата патувачка авантура. Она што започнало како обично кампување во нивното возило, со текот на времето прераснало во начин на живот.

Силвиа и Марио од Горна Австрија досега имаат посетено 39 земји со своето комбе. Од секоја од нив носат убави спомени, нови пријателства стекнати на патувањата, вкусови на локална храна, пејзажи што пленат и искуства што засекогаш остануваат во нивното сеќавање.

Меѓу тие 39 земји се најде и Македонија. Иако првично планирале само транзитен престој, Силвиа и Марио сепак решиле да останат неколку дена и да го истражат главниот град.

На својот Инстаграм профил hinundwiederweg тие го споделија своето искуство од престојот во Скопје.

Патувачката приказна на Силвиа и Марио ви ја пренесуваме директно, раскажана од нив самите …

View this post on Instagram

A post shared by(@hinundwiederweg)

Велат дека сакаат да патуваат, да истражуваат помалку познати места и да ги споделуваат нивните авантури со нивната инстаграм заедница. Нивното комби е нивен дом на тркала и уживаат во тоа да комбинираат природа, култура и спонтаност во секое патување.

Приказната за патувачката авантура започнала сосема случајна во средношколските денови, кога двајцата сфатиле дека делат иста пасија.

- Се запознавме уште во училиште и заедно сме повеќе од 11 години. Нашата заедничка љубов кон патувањето навистина се разгоре кога тргнавме на нашето прво патување со комбе веднаш по завршувањето на училиштето. Од моментот кога излеговме на пат, истражувањето нови места, потрагата по авантури и откривањето скриени агли од светот стана наша работа – и оттогаш сме целосно „навлечени“!

Ја сакаат слободата и истражувањето на нови места, а токму патувањето во комбе изгледал како совршен начин да спојат и двете.

- Животот на пат ни дава флексибилност да ја следиме нашата љубопитност, да откриваме помалку познати места и навистина да живееме во моментот. Не се работи само за дестинациите – туку за искуствата, луѓето што ги среќаваме и авантурите што доаѓаат со живеење на животот според наши правила.

Ваквиот начин на живот не бил во план, испаднало сосема случајно од едно „Ајде да тргнеме на пат“. Прва дестинација која ја посетиле сосема неподготвени како кампери во комби била Италија.

- Бевме целосно нови во кампинг животот и искрено не знаевме речиси ништо. Тогаш, нашето комбе имаше само душек внатре – и тоа беше сè! Но и покрај едноставноста, патувањето беше прекрасно и незаборавно. Навистина ни покажа колку малку треба за да започнете авантура и колку може да биде забавно истражувањето, дури и со основна опрема.

Лесно се адаптирале на животот на пат, со попатни предизвици, но нивното комби денес е нивниот дом. Силвиа и Марио досега посетиле 39 земји, и секоја со свој шарам и убавина.

- Земјата што ни остави најсилен впечаток беше Монголија – огромните пејзажи, отвореното небо и чувството на вистинска слобода беа незаборавни.

Патувањата на кои одат се еден вид училиште. Секое патување има своја лекција која ја учат, а највредното кое го научиле досега е да ги препуштат работите и да ја прифатат флексибилноста.

- Животот на пат ве учи да се адаптирате на неочекувани ситуации, да ги цените малите моменти и да уживате во искуствата како што доаѓаат – без разлика дали станува збор за неверојатен поглед, запознавање нови луѓе или едноставно мирен момент во природа.

Патувањето на четири тркала е само по себе предизвик, но кога се на пат се случуваат непредвидливи работи. Најголемите предизвици како комби авантуристи се соочуваат со пронаоѓање соодветни места за паркирање или справување со лошо време. Понекогаш може да биде незгодно, но тие предизвици се исто така дел од авантурата и ги прават убавите моменти на пат уште повредни.

Наспроти предизвиците се и убавите работи кои се доживуваат на свој уникатен начин.

- Најубавите моменти доаѓаат од малите нешта што го прават животот на пат толку посебен – будење со прекрасни пејзажи, откривање скриени места надвор од вообичаените рути, споделување оброк со локалци или едноставно уживање во тивки моменти заедно во природа. Токму тие автентични и незаборавни искуства го прават овој начин на живот толку магичен.

Сите овие работи Силвиа и Марио ги документираат на нивниот Инстаграм профил каде споделуваат фотографии и видеа кои сами ги уредуваат.

Сите наши фотографии и видеа ги создаваме и обработуваме сами. Сакаме да бидеме вклучени во секој чекор од процесот – од снимањето на моментот до неговото уредување – затоа што тоа ни овозможува да ги споделиме нашите искуства токму онака како што ги гледаме и ги чувствуваме на пат. Ловењето на вистинскиот кадар, снимањето и потоа уредувањето на сè за да раскажеме приказна може да трае со часови – понекогаш дури и цел ден за една објава или видео. Но навистина уживаме во процесот и вреди кога можеме да ги споделиме нашите авантури на начин што делува автентично и инспиративно.

Преку нивната авантуристичка приказна која ја споделуваат на социјалните мрежи сакаат да инспирираат. Оние кои можеби се во дилема дали да се впуштат во една ваква авантура, ова нека биде поттик, затоа што велат тие потребно е само храброст, не многу пари.

- Сакаме да ја инспирираме нашата публика едноставно да се впушти во тоа! Патувањето не мора да биде скапо – не ви треба многу пари, туку само храброст да го направите првиот чекор. Штом ќе започнете, авантурата сама се развива, и секое искуство вреди. Затоа, спакувајте торба, тргнете на пат и видете каде ќе ве однесе животот!

Македонија не била на нивната листа за патување, но кусиот престој во земјава ги воодушевил. Го посетиле Охрид и Скопје, како Матка и Козјак.

- Искрено, на почетокот планиравме само да поминеме низ Македонија како транзитна земја на пат кон југ и да фрлиме брз поглед на Скопје. Но бевме толку импресионирани од земјата и неверојатната гостопримливост на луѓето што на крајот останавме малку подолго.

Во Скопје не истраживме многу места бидејќи нашата посета беше кратка. Најмногу се шетавме низ градот и уживавме во атмосферата. Она што најмногу нè импресионираше беше комбинацијата од историја, култура и топлината на луѓето – тоа го прави градот навистина гостопримлив и уникатен. И секако, скулптурите! Има навистина многу од нив, а прочитавме дека се поставени за да ја слават историјата и културата на градот, што му дава на Скопје навистина посебна и уметничка атмосфера.

Нашите впечатоци од Македонија беа навистина позитивни! Природата е прекрасна, од планини до езера, и има толку многу за истражување надвор од вообичаените рути. Луѓето беа неверојатно топли и гостопримливи, што уште повеќе ни го направи престојот пријатен. Воопшто, атмосферата беше опуштена и искрена – тоа е земја која навистина нè изненади на најдобар можен начин.

Пробавме македонска храна и навистина ни се допадна! Јадењата беа свежи, вкусни и полни со локални состојки, како традиционалните манџи, на пример тавче гравче.

Кога бевме во контакт со Силвиа и Марко тие веќе беа на пат кон Грција, тоа беше нивната следна дестинација.

- Обично ги избираме нашите дестинации врз основа на комбинација од љубопитност, препораки и каде што нè носи патот. Понекогаш имаме груб план, но најчесто едноставно ги следиме нашите инстинкти и откриваме места попатно.

За летото кое е пред нив е само тетратка со празни листови кои треба да ги испишат, но не според некоја строго утврден распоред туку се препуштаат на спонтаноста и ќе му дозволат на нивното комби да ги однесе каде што ќе ги води патот.

Она што го ветија е дека повторно ќе ја посетат Македонија, но следниот пат да уживаат надвор од градскиот метеж и да се посветат на природните убавини.

- Апсолутно, би сакале да се вратиме во Македонија! Следниот пат би сакале да истражиме повеќе од природата – планините, езерата и скриените места надвор од поголемите градови – и да поминеме уште повеќе време доживувајќи ја локалната култура и запознавајќи ги неверојатните луѓе.

Габриела Додевска Глигоровска


Слично

Поврзани вести