МАКЕДОНИЈА СЕ ЗБОГУВА СО ДАРКО: Првиот синдикалец и покрај болеста до последно се бореше за работничките права
Македонија го изгуби еден од најголемите борци за работнички права со упокојувањето на претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија. Бројни сограѓани, но и сите синдикални здруженија со посебен осврт се збогуваат со истакнатиот борец за работнички права, а воедно и пријател.
Насловната фотографија го покажува првиот синдикалец на протестот по повод Први мај, каде е забележливо дека Димовски е со нарушено здравје, но и покрај тоа собра сили и излезе да ги бодри синдикалците и работниците во борбата за подобрување на правата на сите работници во земјава.
На Фејсбук осамнуваат голем број постови посветени на претседателот на ССМ, и сите ја истакнуваат големината на Димовски, кој и покрај болеста која го зафати и кој веќе делуваше видно изнемоштен одлучи да излезе на протест неодамна и покрај срозеното здравје да ги бара правата на сите работници.
- Се простуваме од Дарко Димовски, Претседател на ССМ, сопруг, татко, пријател, колега и симбол на модерниот синдикализам, кој за жал на 45-годишна возраст ја изгуби најважната битка.
Од името на сите членови на Агро-Синдикат упатуваме длабоко и искрено сочувство до неговата фамилија и до сите кои го познаваа, лично или професионално.
Во овие турбулентни времиња, Дарко беше светла точка која беше синдикален патоказ. Ни ја врати вербата и силата за борба, нè убеди дека работите можат да се менуваат на подобро, нè сплоти...
Делевме тешки и убави моменти, меѓусебно си помагавме и полека ја враќавме вербата и солидарноста во синдикатот, и како колеги, и како пријатели и затоа е болката толку силна, што тоа повеќе нема да се случува...
НЕКА ТИ Е ВЕЧНА СЛАВА ГОЛЕМ ЧОВЕКУ!!! - напишаа од „Агро синдикатот“.
Од Дарко се простуваат и истакнати економисти од земјава, кои потсетуваат дека неговата борба не застана до последно.
- Иако веќе тешко болен, пред само 40 дена излезе на протестот на Први мај. Иако ќе го имаше секое оправдување да остане дома. Но, излезе - напиша Здравко Савески на неговиот Фејсбук профил.
Објавата на официјалната Фејсбук страна на ССМ дека Дарко почина предизвика лавина реакции. Многубројни коментари се редеа под објавата во кои граѓаните искажуваа сочуство до семејството на прерано починатиот прв синдикалец.

Фото: Принтскрин/Фејсбук - ССМ
