Македонија се „дави“ во корупција, стигнаа критики од Стејт департментот
Стејт департментот ја „искара“ македонската Влада, а корупцијата и селективноста ги посочи како главен проблем.
Наведуваат дека постојат добри закони за борба против корупцијата, но дека нивното спроведување е слабо и селективно. Се водат постапки против критичари на власта како и помали престапници, се додава во извештајот. Има обвинувања за корупција во полицијата, обвинителството, судството. Особено забелешки има во делот на водењето бизниси. Се споменуваат и владините тендери.
„Северна Македонија има закони чија цел е борба против поткупот, злоупотребата на службената положба, конфликтот на интереси, а владините функционери и нивните блиски роднини се законски обврзани да ги објават нивните приходи и имот. Сепак спроведувањето на антикорупциските закони на моменти е слабо, при што селективно се таргетираат критичари на власта и престапници од низок калибар“, стои во извештајот на Стејт департментот.
Од Кабинетот на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, информираат овој Извештај сериозно ќе го разгледаат и дека сите забелешки се добредојдени. Тврдат дека борбата против корупцијата и криминалот останува приоритет.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека извештајот на Стејт департментот ги потенцира криминалот и корупцијата на власта.
