Македонија конечно ќе има амбасада во Атина, а Грците во Скопје
Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Грција денеска разменија ноти, со кои, меѓусебните канцеларии за врски во Атина и Скопје се подигаат на ниво на амбасади во согласност со Преспанскиот договор.
-Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Хеленската Република, денеска разменија ноти, со кои, согласно членот 10 од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, се подига нивото на Канцеларијата за врски во Атина на ниво на Амбасада на Република Северна Македонија, Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Солун на ниво на Генерален конзулат, а истовремено, Канцеларијата за врски во Скопје се подига на ниво на Амбасада на Хеленската Република, Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат, соопшти МНР.
Македонија во сите европски земји каде што има дипломатски претставништва, само во Грција технички до сега немаше амбасада. Владата во февруари годинава на седница донесе одлука за отворање амбасада во Атина и Генерален конзулат во Солун. Одлуките се применуваат со влегувањето во сила на уставните измени во Македонија.