МАКЕДОНИЈА ЌЕ РЕАГИРА ДО БУГАРСКИТЕ ВЛАСТИ: Муцунски е разочаран за забраната која ја доби Менкиноски
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски подготвува соодветна реакција по одлуката на бугарските власти за десетгодишна забрана за влез на адвокатот Тони Менкиноски во Бугарија.
Муцунски истакна дека државата во минатото секогаш реагирала по соодветен дипломатски пат и дека дополнително ќе биде проценето кој механизам ќе се искористи во конкретниот случај, изразувајќи разочарување од постапката на земјата членка на Европската Унија.
„Негативно изненаден како една земја членка на Европската Унија се однесува кон еден наш граѓанин кој што имал една и единствена цел, а тоа е да штити права на група граѓани пред европските институции. И затоа, секако, ќе има соодветна реакција. Ние во минатото и со други наши соседи сме имале такви слични состојби. Секогаш сме реагирале по соодветен дипломатски пат, мерката и механизмот дополнително ќе ги процениме во рамките на институцијата, каква мерка и кој механизам ќе го искористиме што го имаме на располагање. Но јас не само што сум негативно изненаден, туку и длабоко разочаран од односот на една земја членка на Европската Унија кон нашите граѓани“, изјави Муцунски.
Менкиноски, пред два дена информираше дека Бугарија му забранила влез до 2036 година, и дека во официјалниот документ што го добил стоело дека наводно тој претставува закана за националната безбедност на Република Бугарија. Тој изрази сомневање дека ваквата мерка е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и истакна оти обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната му била врачена на 6 март на влез во Бугарија.фото Фејсбук/Тимчо Муцунски
