Македонија и Полска имаат долга традиција на чествување на образованието
На 12-тиот Скопско - Краковски Социолошки Семинар, посветен на 40 години научно пријателство помеѓу Институтот за социологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот ,,Св. Кирил и Mетодиј” во Скопје и Институтот за социологија на Филозофскиот факултет при Јагиелонскиот Универзитет во Краков, беше одржана Меѓународна научна конференција на тема, општествената исклученост во македонското и полското современо општество.

„Кога пред 40 години се здруживме во своевидна потрага по знаење и академски напредок во областа на социологијата, се надевавме дека нашите напори ќе се претворат во долготрајно пријателство и соработка во која ние меѓусебно ќе се почитуваме и на крајот ќе и служиме на Европската социологија. Нашиот академски сон беше почеток на значителна размена и соработка меѓу два Института во држави со многу различни општествени односи, појави и процеси. Без лажна скромност, не само што успеавме во тоа туку отидовме и чекор подалеку бидејќи поставивме стандард за идна размена и соработка на меѓу универзитетско и меѓу државно ниво“, изјави Зоран Матевски, раководител на институтот за социологија, на Филозовскиот факултет при УКИМ и додава дека јазикот и вредностите на науката се универзални. Не е случајно што научниците отсекогаш биле во првите редови на меѓународната соработка во делот на развојот мирот. Македонија и Полска имаат долга традиција на чествување на образованието и истражувањето. Нашите предци направија прекрасен придонес кон науката, со големо влијание врз развојот на Европската цивилизација, потенцираше Матевски. Соработка на двата факултети ја имплементирале во 12 социолошки семинари кои дале охрабрувачки импулс и широки перспективи во рамките на соработката во високото образование.

