МАКЕДОНИЈА ГОРИ: Дел од пожарите под контрола
Во повеќе делови на Македонија има активни пожари.
Пожарите во околината на Македонски Брод се ставени под контрола, но поради топлото време не се исклучува можноста од нивно проширување. Во селото Волче гори дабова шума, сува трева, а пожарот се шири кон местото викано Сува Гора. Во кризното подрачје Чашка каде имаше пожари на неколку места, во изминатото деноноќие дел се изгаснати. Активен е и пожарот на Горна Јакупица и Горно Јаболчиште. Во гаснењето на пожарот се вклучени и авионите на ДЗС.
Активни пожари има и во село Грачани, скопско, но и во Кавадарци во село Галиште. Гори и во полошкиот регион. Пожар има и во атарот на село Дрен каде гори нискостеблеста дабова шума.
Голем шумски пожар избувна синоќа на падините на планината Плачковица од страната на Радовиш. Во овој дел на Македонија опожарени се 20-тина хектари дабова и нискостеблеста шума и трева.Инаку, во меѓувреме на сила е забраната за движење во шуми за што се пропишани и високи казни.
