Економија, финансии, бизнис

Контакт

МАКЕДОНИЈА Е ЗГРОЗЕНА ОД ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО, НО И ВО СВЕТОТ БРОЈКИТЕ СЕ АЛАРМАНТНИ: Со какви последици се соочуваат жртвите?

МАКЕДОНИЈА Е ЗГРОЗЕНА ОД ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО, НО И ВО СВЕТОТ БРОЈКИТЕ СЕ АЛАРМАНТНИ: Со какви последици се соочуваат жртвите?

Македонија е згрозена од случаите на врсничко насилство кои се случија во Ѓорче Петров, во Аеродром и на други места, но и во светот статистиките укажуваат дека ваквото насилство е честа појава. Неодамна се појави снимка на која се гледа како девојче тепа друго девојче во Аеродром, додека останатите присутни снимаат, се смеат и навиваат. Претходно се дозна за случај во Ѓорче Петров, каде малолетнички тепале девојче, го гореле со цигари и го терале да јаде измет од куче. Насилството траело со месеци. Врсничкото насилство остава траен белег врз психичкиот развој на жртвите.

„Врсничкото насилство може од многу аспекти да биде штетно. Прво не само што остава трајни, туку и невидливи последици. Сите мислат дека во иднина ќе ги надминат тие последици, но прво со што се соочуваат во адолесценцијата е потешкотијата да се приближат на некоја девојка ако се работи за момче или ако е девојче, да влезе во врска. Тоа би значело немање самодоверба, немање чувство на вредност и самопочит. Тие често и понатаму продолжуваат да бидат жртви на манипулатори или личности со нарцисоидно нарушување. Многу често се случува тие лица да бидат депресивни по породување, но и не мора да значи, но дека остава трајна последица, сепак остава, најмногу на самодовербата, а таа е клучна за да се снајдеме во животот, а знаеме дека животот никого не го штеди. Децата сторители на насилство во најголем дел од случаите, биле претходно жртви на насилство за коешто не се свесни дека е насилство и тоа насилство доаѓа баш од родителите. Формата на насилство од родителите доаѓа преку казната, за која родителите сметаат дека е воспитна мерка. Јас не велам да не постои казната, но таа мора да биде редуцирана и во форма на отсуство на награда, а не на одземање на правото на детето да размислува на свој начин. Во семејствата каде партнерите постојано размислуваат дали да се разведат или не, односно се разведуваат па се помируваат, а не работат на стабилизирање на односите, тие деца се индиректно вклучени во насилство поради партнерската дисфункционалност на нивните родители“, вели психолот Иле Махлијанов.

Според податоци на УНИЦЕФ од пред неколку години, во Македонија, приближно 23 отсто од адолесцентите на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека се жртви на малтретирање во училиште, при што 10 отсто од децата на возраст од 11 до 15 години се соочувале со редовно насилство од врсници повеќе пати месечно. На оваа листа Шпанија, Франција и Италија се далеку подобри од Македонија и од другите балкански земји, а Украина отскокнува како полоша, земја каде 40 отсто пријавиле дека трпеле насилство, додека во Молдавија процентот е повисок, 42.

На сите континенти, во развиени, но и во сиромашни земји има врсничко насилство.

Светската организација „Булинг без граници“, во соработка со „Светската опсерваторија за булинг без граници“, составена од 50.000 соработници во светот, плус професори и студенти од 30 од врвните универзитети во светот, состави листа на земји каде има најмногу случаи на врсничко насилство.

Шпанија има регистрирано 360.000 сериозни случаи, потоа зад неа се САД со 340.000, Германија со 330.000, Бразил со 300.000, за Кина нецелосните податоци укажуваат на 290.000 случаи, потоа Јужна Кореја има 280.000, а Јапонија 270.000 случаи на врсничко насилство. Во Италија има 260.000, а во Франција се 250.000 случаи. Полска има регистрирано 240.000 случаи на врсничко насилство, а Аргентина има 230.000. Од земјите во регионот, на листата ја има и Хрватска, со 20.000 регистрирани случаи на врсничко насилство. Грција е исто така присутна на листата и има 70.000 случаи на врсничко насилство. За дел од земјите е наведено дека податоците се делумни, а причина зошто е така е војна или присуство на паравоени групи. Мексико е со катастрофални податоци од 2021 година наваму, но најновите податоци не се сумирани поради присуство на нарко-картели во државата. Се наведува дека малтретирањето се случува во училиштата, но продолжува и во интернет просторот. Во извештајот стои дека 200.000 деца секоја година во светот си го одземаат животот баш поради тоа што биле изложени на врсничко и сајбер насилство. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести