Македонија број еден во Европа по растот на туристички ноќевања
Македонија e земја со најголем раст на бројот на туристички ноќевања во Европа, а со добри резултати може да се пофали и соседна Србија.
Во земјава лани имало раст од 18,9 на бројот на ноќевања, при што поголем е скокот на ноќевања од странски туристи. Со тоа Македонија имала најголем раст во Европа. Две третини од остварените 2,2 милиони ноќевања се од странски туристи.
Македонија лани имала убедливо најголем раст на бројот на ноќевања меѓу членките на ЕУ, земјите-кандидати за членство и во Европскиот економски простор. На второ место според раст е Србија.
Според податоците на статистичката служба на ЕУ, Еуростат, Македонија минатата година во однос на 2017 година остварила раст на бројот на ноќевања од 18,9 отсто, додека во Србија тој раст е 12,4 отсто.
Бројот на ноќевања од странски туристи е зголемен за 22 отсто, додека ноќевањата од домашни туристи се зголемиле за 13,1 отсто. Во Македонија во 2018 година имало 2,2 милиони ноќевања, од кои две третини се од странски туристи.
Бројот на ноќевања од странски туристи во Србија се зголемил за 15,5 отсто, а од домашни туристи за 10 отсто, при што се остварени 9,2 милиони ноќевања.
Од членките на Европскиот економски простор, кои не се дел од ЕУ, најголем раст од 8,2 отсто има Лихтенштајн. Тие лани имале 200 илјади ноќевања.
Најголем раст во ЕУ е забележен во Летонија од 8,3 отсто, Литванија 7,7 отсто, Малта 6,5 отсто, Полска 5,8 отсто и Романија 5,5 отсто.
Најголем пад во бројот на ноќевања имало во Луксембург од 4,3 отсто.
