Македонија бара од ЕУ да одреди датум и да не чека Бугарија да формира нова влада
Македонија бара од Европскиот Совет во јуни да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година и да не се чека решавање на политичката ситуација во Бугарија, односно таму да се формира влада која ќе ги продолжи преговорите.
„Ние не можеме да ја избереме бугарската влада, не можеме да го создадеме преговарачот од другата страна. Тоа на што не можеме да влијаеме, погрешно е да го прогнозираме. Искрена да бидам, не очекувам, без партнер од другата страна, дури и со техничка влада, дека е можен пресврт. Меѓутоа она што треба да го правиме до јуни, е да ги потсетуваме сите дека ги исполнуваме обврските“, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров е загрижен дека довербата во ЕУ ќе се намали и го повика Брисел да не чека календари на парламентарни избори во земјите-членки.
„Деликатно е прашањето. Или ќе бидеме сите губитници, или ќе бидеме сите победници. Мислам дека и Бугарија има што да изгуби. Партнерство и соработка не оди со блокирањето и со ветото. Ќе изгуби и ЕУ, ќе биде многу тешко зборовите на ЕУ да бидат третирани со доверба и сериозност. Не само кај, нас туку и во целиот регион. Мислам дека треба да правиме се да ги искористиме шансите како ќе доаѓаат., Ако одиме по календар на избори, секогаш ќе има некаков проблем. Да правиме се што можеме да не олеснуваме работите да ни олеснуваат.“, рече Димитров денеска на приемот на донација респиратори од Словачка.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како дел од засилената дипломатска активност испратил стотина писма до повеќе адреси во ЕУ како што се министрите за надворешни работи на земјите-членки, претседателите на политичките групи во Европскиот парламент, членовите на Комисијата за надворешна политика, до пратениците кои се дел од неформалната група на пријатели на Република Северна Македонија и до други претставници на институциите на ЕУ.
„Писмата се дел од активностите што ги презема МНР во рамките на мобилизирање на целокупната поддршка на земјите-членки и европските институции за почеток на преговорите во јуни. Писмото е испратено и до бугарските институции и бугарските европратеници. Кредибилитетот на процесот на приклучување на регионот во Унијата е под сериозен тест“, рече Османи.
