Македонија 15 години без попис - Можни ли се поместувања?
Македонија нема спроведено попис цели 15 години иако се препорачува оваа обемна статистичка операција која е многу важна за креирање и водење на државни политики да се спроведува барем еднаш во декадата.
Поместувања на оваа тема нема од откажаниот попис во 2012 кој беше прекинат од политички причини, за сега од Владата да најават дека нов попис ќе има единствено кога ќе се создадат сите неопходни услови.
Ако се наметне динамика по локалните избори во октомври годинава да започнат подготовките постојат големи шанси пописот да биде спроведен од Зирап Асани кој е новоназначен директор на Државниот завод за статистика како кадар на ДУИ.
Кратка историја на пописите
Пописот во 1994 година е прв попис во Република Македонија по нејзиното осамостојување бидејќи тој во 1991 година беше со нецелосен опфат и затоа повторно е спроведен попис во истата декада.
Пописот во 2002 година е последниот спроведен попис во Република Македонија.
Зошто е неопходен попис?
Пописот е најобемно статистичко истражување во однос на единиците што се попишуваат и најмасовно во однос на бројот на учесниците што учествуваат во неговото спроведување. Пописот се подготвува неколку години пред неговото спроведување на терен, а податоците се обработуваат подолг временски период по прибирањето од теренот.
Целта на пописот е да обезбеди целосни, квалитетни, ажурни и меѓународно споредливи статистички податоци за населението, домаќинствата и становите за задоволување на потребите на корисниците во државата и во странство.
Притоа мора да се обезбеди континуитет и споредливост со податоците од минатите пописи.
Од пописот се обезбедуваат податоци за:
- бројот на населението и неговата територијална разместеност, како и за неговата структурата според демографски, географски, етнички, економски и социјални белези;
- бројот на домаќинствата и нивната територијална разместеност, како и податоци за структурата на домаќинствата според нивната големина, типот, семејниот состав и генерацискиот состав;
- бројот на живеалиштата според видот и нивната територијална разместеност, а за становите, во градежна смисла, се обезбедуваат и податоци за големината, опременоста со инсталации и помошни простории.
Агрегираните збирни податоци, добиени од податоците собрани со Пописот, се користат за анализа и оценка на состојбите во економскиот и социјалниот развој, планирање на развојот во стопанството, образованието, здравството, домувањето и во другите економски и социјални сфери, следење на извршувањето на плановите, научни истражувања, статистички цели итн.
