„Македонија- Блокира“ ќе блокира пат во Западна Македонија
Од иницијативата „Македонија-Блокира“ денеска ќе го блокираат патниот правец Кичево – Охрид кај Другово во периодот од 13 до 15 часот во рамките на активностите за протести и блокади и надвор од Скопје.
„Македонија- Блокира“ го реафирмира својот став дека во овој момент сите национални и патриотски сили имаат обврска единствени и сплотени да се борат против уставните промени.
„Го повикуваме Зоран Заев и министерот во МВР Оливер Спасовски да се вразумат и да не провоцираат како во случајот со блокадата на патот Охрид – Струга кога полицијата ја спречи блокадата оти работите лесно може да излезат од контрола, дотолку повеќе, блокадите од „Македонија-Блокира“ продолжуваат до финалната одлука – или марионетската власт ќе избрише се што е македонско или Македонија ќе победи. Оваа битка ќе биде решена со спречување на промена на Уставот, распуштање на Собранието и распишување избори со еден услов, а тоа е избори без Зоран Заев како премиер. Оваа борба е света должност и затоа Македонија ќе победи“, соопштија од таму.
Тие блокираа раскрсници во Скопје, но и посетуваа домови на пратеници за да ги убедат да не го менуваат името на државата, со промени на Уставот.