МАКЕДОНЕЦ ОСУДЕН НА 17 ГОДИНИ РОБИЈА ВО САД: Крадел идентитети и податоци од картички, па ги продавал на измамници
Македонскиот државјанин Џеваир А. (30) е осуден во САД на 17 години затвор поради измама и продажба на лични податоци кои ги земал од крадени кредитни картички.
Џеваир го водел сајтот „Коудшоп“ на кој продавал податоци од картички и банкарски сметки на луѓе ширум светот, наведуваат американските обвинители.
Заедно со хакерите упаднувал во базите со податоци на компании и финансиски институции ширум светот, а онлајн бил познат под прекарите "xhevo", "sindrom" i "sindromx".
Освен тоа, праќал лажни мејлови на луѓе како би паѓале на неговата измама и му праќале приватни информации кои тој потоа ги ставал на споменатиот сајт.
„Коудшоп“ бил многу добро опремен сајт кој им овозможувал на корисниците да пребаруваат база со податоци според банкарски идентификациони броеви, земја или бренд на картичка како попрецизно би го нашле она што ги интересира.
Купувачите воглавно биле измамници кои на тој начин, со новите податоци, би купувале онлајн и би симнувале пари од банкомати.
Како би го сокрил идентитетот на клиентите, осудениот користел мрежа за онлајн парични размени и анонимни дигитални валути.
Вака работел од 2010 до 2014 година, а како што се наведува за тоа време украл податоци од повеќе од 1,3 милиони картички со што оштетил десетина илјади луѓе за милиони долари.
Џеваир е уапсен во Љубљана во јануари 2014 година и во мај таа година е испорачан во САД. Се изјаснил за виновен за измама и кражба на идентитет.
