МАКЕДОНЕЦ ДЕЛ ОД ГРУПАТА ШТО ПОДГОТВУВАЛА ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД ВО АВСТРИЈА? Имал 19 години, а бил радикализиран преку интернет
Во голема операција во Терница, припадниците на австриската полиција уапсија две лица поврзани со Исламската држава (ИД), кои планирале напади на концертите на Тејлор Свифт во Виена.
Австриската полиција на итно свикана прес-конференција соопшти дека двајца млади момчиња планирале напади во поширокото подрачје на Виена, а една од нивните цели биле концертите на позната светска ѕвезда.
Сега приказната се разоткрива, а една од информациите е дека еден од уапсените е по потекло од овие простори, поточно од Македонија, или како што објаснува полицијата, „има корени од Македонија“.
Според австриските медиуми, двајцата уапсени се австриски државјани, додека постариот, 19-годишен по потекло е од Македонија.
Франц Руф, генерален директор на Одделот за јавна безбедност, изјави дека станува збор за млади луѓе кои се радикализирани преку Интернет.
„Според досегашните сознанија, тие биле радикализирани преку Интернет, каде што се запознале“, рече Руф.
Еден од нив, наводно, положил заклетва за верност на Исламската држава на почетокот на јули.
Инаку, при опсежната акција спроведена во Терница, полицијата пронашла и хемиска супстанца, која може да биде експлозивна, но која во моментов се анализира.
Дека се работи за сериозна закана говори и податокот дека на концертите се очекуваше да присуствуваат 65.000 луѓе и дека пред стадионот ќе има најмалку 22.000 навивачи, што е огромен број потенцијални жртви, па не е ни чудо што Австриецот властите одлучија да ги откажат сите три концерти.
„Сите билети автоматски ќе бидат вратени во следните десет дена. Поради страв од тероризам, немавме друг избор освен да ги откажеме сите три најавени концерти“, објавија организаторите на концертот на социјалните мрежи.
