Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонците што живеат во Албанија од селата се иселиле во градовите, бараат секаде во земјата да се изучува македонскиот јазик

Македонците што живеат во Албанија од селата се иселиле во градовите, бараат секаде во земјата да се изучува македонскиот јазик

Во организација на Македонска алијанса за европска интеграција, единствената македонска партија во Албанија, во Конгресната палата во Тирана се одржува научна конференција „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија”.

На конференцијата, на која присиствува и премиерот Зоран Заев, свои излагања имаат Македонци од Албанија, а отворена е и изложба со фотографи и книги пишувани на македонски јазик од Македонци од Албанија.

Според Заев, се прават напори за подобрување на изучувањето на македонскиот јазик во училиштата на Мала Преспа.

„Се разбира, секогаш може и повеќе и затоа ги развиваме односите меѓу двете земји на највисоко пријателско ниво, за да разговараме слободно за можностите. Зачувувањето на јазикот е од огромно значење заради тоа што ги обединува луѓето и културно ги поврзува генерациите за да можат една на друга ги пренесуваат цивилизациските вредности на човештвото“, рече Заев.

Тој додаде дека наскоро ќе бидат отворени културни центри во амбасадите. 

„Токму затоа, со премиерот Рама работиме на тоа договорот меѓу нашите две држави за отворање на културно информативни центри да биде исполнет во целост. Тоа ќе овозможи наскоро во Скопје и во Тирана да имаме целосно функционални културно-информативни центри кои ќе ги бидат значаен придонес за дополнително надградување на взаемните пријателски односи, и места за факултативно неформално изучување на јазиците на двете земји. Истовремено тоа ќе бидат места каде што ќе можат да се најдат книги и други публикации на македонски јазик што ќе помогнат во унпаредувањето на изучувањето на јазикот на Македонците во Албанија“, рече Заев.

Лидерот на МАЕИ и пратеник во албанскиот парламент Васил Стерјовски рече дека македонска заедница во Албанија е благодарна на албанската држава којашто 75 години ги признава како Македонци, за разлика од „некои држави членки на Европска Унија кои не признаваат македонско малцинство и создаваат пречки на патот на европските интеграции“.

„Современите состојби, бараат да се превземат чекори за изучување на македонскиот јазик насекаде каде што живее македонската заедница во Албанија. Македонците кои живеат долж македонско-албанската граница, посебно во периодот после 1991 година, поради подобри услови за живот, од руралните средини се иселуваат во градските средини, како Тирана, Корча, Билишта, Подградец, Елбасан, Драч, Кукс и други места. Денес, поголемиот број на Македонци живеат во градските средини во Албанија, отколку во руралните средини, каде што традиционално живееле“, рече Стерјовски.

Тој  додаде дека заради тоа бараат помош од албанската, но и од македонската влада, за учење на мајчиниот македонски јазик во сите населени места во Албанија каде што живеат Македонци и каде што има барање за изучување на македонскиот јазик.


Слично

Поврзани вести