МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ПЕСИМИСТИ: Само петтина очекуваат 2024 да биде подобра од 2023 година
Според Галуп Интернешенел, само петтина од Македонците очекуваат 2024 да биде подобра од 2023 година, а светот стравува од војни и економски тешкотии.
Само 20 проценти од граѓаните во земјава очекуваат 2024 година да биде подобра од 2023 - покажува традиционалното глобално истражување на Галуп Интернешенел „крај на годината“. Според истражувањето, 34 отсто очекуваат полоша година, а 40 отсто иста.
Споредено со земјите во регионот имаме исти бројки како и Србија и Бугарија, додека во Албанија и Косово владее огромен оптимизам и таму меѓу 60 и 70 отсто од граѓаните очекуваат подобра година. На светско ниво, просекот на граѓани кои очекуваат подобра година изнесува двојно повеќе од Македонија или околу 40 отсто.
Дури 42 отсто од граѓаните во земјава очекуваат идната година да биде исполнета со економски потешкотии, а 34 отсто од анкетираните очекуваат година со повеќе немири.
