Економија, финансии, бизнис

Контакт

МАКЕДОНЦИТЕ ЈАДАТ ПОВЕЌЕ МЕСО И МАЛКУ РИБА: Какви промени треба да направиме во исхраната?

МАКЕДОНЦИТЕ ЈАДАТ ПОВЕЌЕ МЕСО И МАЛКУ РИБА: Какви промени треба да направиме во исхраната?

Maкедонските граѓани почесто јадат месо, а поретко риба. Ова може да се види од податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС).

Во 2024 година, македонските домаќинства во просек консумирале по 13.2 килограми ослиќ, за пастрмка просекот е 2 килограми, за крап 0.3 килограми.

Во однос на месото, истата година домаќинствата консумирале по 16.9 килограми пилешки стек, 10.3 килограми свинско месо со коски, 13.3 килограми свинско месо без коски, додека за јагнешко месо просекот е 0.4 килограми. За свинските колбаси, просекот во 2024 година е 5.2 килограми. За сувата свинска сланина просекот по домаќинство е 1.5 килограми. За кремвиршлите просекот по домаќинство според ДЗС е 4 килограми. И за посебната салама, количината е иста, 4 килограми во просек по домаќинство.

Ако ги погледнеме најновите податоци за 2025 година, најголема сума од семејниот буџет оди за месо и тоа 38.397 денари, по што следуваат млекото и млечните производи и јајца за што им биле потребни 30.411 денари. За производи од жито лани семејствата трошеле по 25.079 денари, за зеленчук – 21.373 денари, за овошје – 9.932 денари, додека за шеќер и чоколади по 7.409 денари. Најмалку пари се трошат за риба, само 4.369 денари. И од рибарниците потврдуваат дека нашите граѓани консумираат риба во зимскиот период, додека траат постите за Божиќ и за време на славата Свети Никола, а во другите месеци побарувачката е мала.

Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари вели дека нашата земја изобилува со здрава и разновидна храна, но свеста кај населението за здрава исхрана мора да биде на повисоко ниво.

„Исхраната на нашите пациенти, зависи од финансиската состојба. Имаме различна популација, има луѓе кои едвај преживуваат, некои живеат во изобилие и имаме средна класа. Македонија изобилува со различна храна, која е многу здрава, но населението не се храни здраво. Возачите на камиони се хранат со конзервирана храна, циркулацијата им е нарушена, а оние што живеат и работат тука, треба да јадат домашна храна, но и барем 2-3 пати во неделата да имаат посна исхрана. Сите кои имаат висок притисок, треба да намалат со јадење на мрсна храна, да ја намалат солта, да ги намалат килограмите, кафето исто го покачува притисокот. Мора да има умерен начин на исхрана. Боранијата е заборавена, а е многу здрава. Треба и државата да влијае на тоа кои производи да се произведуваат, да има проекти за тоа што е здраво. Ние имаме домати, тиквички, турлитавите, тоа треба да се промовира како здрава македонска храна. Секојдневното користење на месо, млеко, го оптоварува бубрегот, плус алкохол, вино, ракија. Три чашки ракија дневно е многу. Во постите за празници, се прават посни сарми, сето тоа е многу здраво. Да не се јадe секој ден месо и млеко. И ние како матични апелираме, ако веќе се јави висок притисок, пациентите мора да намалат со јадење мрсна храна, да нема јадење доцна навечер. Бамјите на пример се исто многу здрави“, објаснува Чолакова-Дервишова.

Ако ги споредиме податоците за грав и леќа, македонските семејства во просек во 2024 година консумирале по 14.9 килограми грав, додека леќата многу поретко ја има на трпезите, односно просекот за неа е 3.6 килограми.

Што се однесува до спанаќот, едно домаќинство во просек во 2024 година консумирало по 5.9 килограми од оваа намирница.

Боранијата граѓаните малку ја користат во исхраната, односно само 0.7 килограми годишно според ДЗС за 2024 година. Брокула годишно јаделе по еден килограм.

Бројни истражувања во светот покажаа дека консумирањето на рибата го намалува ризикот од инфаркт, помага за подобар сон и слично. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести