Македонците чекаат најкратко за германска виза во Западен Балкан
Германската влада на прашање на пратениците во Бундестагот даде информација дека е зголемен персоналот во амбасадите кои работат на обработка на барањата за визи. Амбасадата во Скопје добила двајца работници плус, додека во Приштина биле вработени плус три лица. Персоналот во Тирана, Подгорица и Белград останал на исто ниво, а во Сараево е вработено плус едно лице.
Што се однесува до времето на чекање од барањето термин во амбасадите до денот кога се поднесува барањето за виза, најбавно оди во Приштина и Сараево, каде што се чека над една година. Во Белград се чека 7 месеци, во Тирана 6 месеци, а најкратко е времето на чекање во Скопје - 4 месеци.
Владата даде информација и колку контроли се спроведени кај работодавачите во врска со работните визи за лицата од Западен Балкан. Одговорот е дека откако бил даден позитивен одговор за работа, направена е контрола во 3.500 случаи и кај околу 200 има сомневање за прекршување на законот, или кривично дело. Во најголемиот дел од случаите има укажувања дека работодавачот не ги почитува работните услови наведени во постапката за виза (плата, работно време и други услови), или пак дека лицата добиле согласност за една работа, а извршувале друга. Отворените прекршочни, односно кривични постапки, се сѐ уште во тек.
