МАЃАР ЌЕ ГО ВРАТИ ГРУЕВСКИ ВО МАКЕДОНИЈА? „Унгарија нема да биде засолниште за меѓународни криминалци. Тоа важи и за Никола Груевски, кој не треба да биде во Унгарија“
Победата на Петер Маѓар и неговата партија Тиса на изборите во Унгарија отвори низа прашања за иднината на лица кои во изминатите години нашле засолниште во Будимпешта, меѓу кои и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
На денешна прес-конференција, Маѓар директно ги спомена поранешните полски функционери Збигњев Зиобро и Марчин Романовски, кои се соочуваат со обвиненија во Полска, правејќи паралела и со случајот на Груевски.
„Унгарија нема да биде засолниште за меѓународни криминалци. Тоа важи и за Никола Груевски, кој не треба да биде во Унгарија. Очекуваме и другите европски земји да постапуваат исто и да ги екстрадираат осомничените во духот на европската соработка“, изјави Маѓар.
Тој додаде дека доколку лицата не ја напуштиле земјата, ќе се најдат механизми за нивна екстрадиција, потенцирајќи дека секој треба да се соочи со правдата во својата држава.
Во меѓувреме, полската влада на премиерот Доналд Туск веќе бара испорачување на Зиобро и Романовски од Унгарија, додека за случајот со Груевски останува нејасно дали има ново барање од македонските власти.
По изјавите на Маѓар, со реакција се јави СДСМ, од каде ја поздравија пораката на новата унгарска власт.
„Новата унгарска власт повеќе нема да обезбедува засолниште за лица кои бегаат од правдата. Ова е крај на периодот во кој Будимпешта беше безбедно прибежиште за осудени функционери. Судските пресуди мора да се спроведат“, порачаа од партијата.
Од СДСМ додадоа дека очекуваат правдата конечно да биде задоволена и Груевски да ја издржи казната во Македонија.
