Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Ти си маестро, маестро мој“: Игор Џамбазов се сеќава на својот татко по повод годишнината од смртта на Александар Џамбазов

„Ти си маестро, маестро мој“: Игор Џамбазов се сеќава на својот татко по повод годишнината од смртта на Александар Џамбазов

Денес, 25 јануари, се навршуваат четири години од смртта на маестро Александар Џамбазов – еден од најзначајните македонски диригенти, композитори и музички педагози. На истиот датум, пак родена е  најголемата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески, ден кој засекогаш остана врежан како тажен симбол во колективната меморија, пишува Женски магазин.

По тој повод, неговиот син, актерот и музичар Игор Џамбазов, на својот Инстаграм профил сподели длабоко лична и емотивна објава посветена на својот татко. Тој објави извадок од својата книга „Облечен човек“, во кој со искрени зборови ја опишува врската со маестро Џамбазов и начинот на кој со текот на годините сè повеќе се препознава себеси во него.

„Од пред некое време, наутро, кога ќе застанам пред огледалото, како да го гледам него“, пишува Џамбазов, алудирајќи на физичката и духовната сличност што сè повеќе ја забележува со својот татко. Со препознатлива доза на хумор и носталгија, тој додава дека по педесеттата година „со невидена брзина“ станува примерок на „штипската крв“.

Во објавата, Игор Џамбазов го опишува својот татко како „единствен примерок“ и човек што вреди да се има за татко, осврнувајќи се и на чувството на неправедна засенетост со кое, според него, маестро Џамбазов живеел целиот свој живот.

„Прво бев сопруг на Анче, па зет на Петре Прличко, а сега сум татко на Игор. А јас? Па што сум тогаш јас?“, го пренесува Џамбазов размислувањето на својот татко, за на крај да му се обрати со едноставна, но силна порака: „Ти си маестро, маестро мој.“

Објавата предизвика бројни реакции и коментари од следбениците, кои му оддадоа почит на Александар Џамбазов и изразија поддршка кон Игор Џамбазов, препознавајќи ја болката, но и љубовта што продолжува да живее низ зборовите и сеќавањата.

РЖМ- Г.Д.Г
Фото: Инстаграм

Слично

Поврзани вести