Економија, финансии, бизнис

Контакт

Глув ли е Јавниот обвинител за допрен глас на „Макпетрол“ кој вели: највисоки државни органи контролираат криминал со нафта!

Глув ли е Јавниот обвинител за допрен глас на „Макпетрол“ кој вели: највисоки државни органи контролираат криминал со нафта!

Членот 272 од Закон за кривична постапка предвидува дека јавен обвинител и правосудна полиција дејствуваат, меѓудругото, и по допрен глас. Го слуша ли Обвинителството гласот од претседателот на Управен одбор на „Макпетрол“?

Јавното обвинителство не одговори конкретно на прашањето на „Фактор“ дали ќе постапи по допрен глас и ќе ги истражи наводите на Андреја Јосифовски, претседателот на Управниот одбор на „Макпетрол“ кој на 19 септември годинава јавно кажа дека „највисоки државни органи го контролираат криминалот со нафтени деривати“.

На прашањето од „Фактор:“Во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста Ве молиме да ни одговорите дали ќе превземете мерки да ги испитате наводите на Андреја Јосифовски изнесени за прес конференција одржана на 19.9.2017 година на која според објавеното на Телевизија Телма тој изнесе наводи дека цитираме: највисоки државни органи со години наназад контролираат криминал во бизнисот со нафтени деривати?  Наводите се изнесени на следниот линк http://telma.mk/vesti/makpetrol-kje-bara-odgovornost-za-obidot-za-nezakonsko-prezemanje.

Службата за односи со јавност на Јавното обвинителство на РМ на овој мејл достави одговор што го објавуваме во целост: „Јавното обвинителство на Република Македонија внимателно ги следи сите информации и ќе постапува секаде каде што ќе утврди постоење на елементи на сторено кривично дело. Во истовреме, лицата кои имаат информации за евентуален криминал во бизнисот со нафтени деривати во секое време можат истите да ги пријават во Јавното обвинителство и да ги поткрепат со детали за своите сознанија.“

На овој мејл „Фактор“ веднаш достави прашања до службата за односи со јавност на Ј.О. кои ги објавуваме:

Почитувани, заради тоа што во претходниот мејл не добивме конкретен одговор на прашањето, во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста Ве молиме во најкраток рок да ни одговорите на следниве прашања:

-Дали Јавното обвинителство, во рамки на своите обврски и законски надлежности, превзеде мерки по допрен глас по прес конференцијата на г-дин Андреа Јосифовски на 19 септември кога јавно пред медиуми соопшти дека цитираме: „Да не се лажеме. Криминалот во нафтениот бизнис со години е контролиран од највисоките органи во државата„?

- Дали ОЈО ќе го повика г-дин Јосифовски да даде изјава или е потребно г-дин Јосифовски самоиницијативно да дојде во ОЈО? 

Ве молиме за конкретни одговори за овој конкретен случај.

Иако беше најавено дека ќе се потрудат да ни одговорат до денеска не добивме одговори од Јавното обвинителство.

Заради тоа што нема одговор од Јавното обвинителство „Фактор“ со цел објективно и целосно информирање на јавноста ќе  ги достави следниве прашања и до Советот на јавни обвинители:   

„- Дали Јавното обвинителство преку Основното јавно обвинителство Скопје треба да постапи по допрен глас врз основа на член 272 од Законот за кривична постапка, а по повод на прес конференцијата на г-дин Андреја Јосифовски, претседател на Управниот одбор на „Макпетрол“ кој на 19 септември јавно пред дестина медиуми рече дека „Највисоки државни органи го контролираат криминалот со нафтени деривати“?

Ве молиме за конретен одговор. Воедно ви го доставуваме одговорот што го добивме од Јавното обвинителство на 16.10..2017 година во кој не одговорија конкретно на горепоставеното прашање.“


Слично

Поврзани вести