Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ЛУНА ПАРКОТ ДА НЕ БИДЕ ЕВТИН ДИЗНИЛЕНД“: Ги праша ли некој скопјани каков Луна парк сакаат?, прашуваат од Зелен Хуман град

„ЛУНА ПАРКОТ ДА НЕ БИДЕ ЕВТИН ДИЗНИЛЕНД“: Ги праша ли некој скопјани каков Луна парк сакаат?, прашуваат од Зелен Хуман град

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ реагира дека процесот на обновата на Луна паркот во Скопје со години се води без суштинско вклучување на јавноста.

„Од моментот кога се почнати првите активности за обнова на Луна паркот до денес се сменија четири градоначалници и помина повеќе од една деценија, ама исклучувањето на јавноста остана константно“, наведуваат од организацијата.

Од таму прашуваат дали граѓаните воопшто биле консултирани за тоа каков и колку голем Луна парк сакаат, како и дали проектот може да ја наруши основната функција на Градскиот парк како „зелено прибежиште во изразено загаден град“.

„Замислете некој да се осмелеше да стави луда железница како во Дизниленд сред Централ парк во Њујорк?“, посочуваат од „Зелен хуман град“, предупредувајќи дека континуираната изградба, осветлувањето, зголемениот сообраќај и бучавата би можеле да ги нарушат природните живеалишта во паркот.

Според нив, поставувањето големи механички реквизити во срцето на Градскиот парк би можело сериозно да го оштети биодиверзитетот. „Природните екосистеми зависат од стабилност, ниски нивоа на бучава и минимално човечко вознемирување“, наведуваат од организацијата.

Тие истакнуваат дека Луна паркот има голема сентиментална вредност за генерации скопјани и дека треба да остане во постојните граници и со фокус на детската популација.

„Луна паркот мора да остане парк за деца, а не евтин Дизниленд. Стариот Луна парк беше направен исклучиво за деца до 10-годишна возраст, а не за возрасни“, се вели во реакцијата.

Од „Зелен хуман град“ бараат итно организирање јавна презентација на проектот и јавна расправа, нагласувајќи дека крупни проекти со потенцијални последици по животната средина не смеат да се решаваат зад затворени врати.


Слично

Поврзани вести