Луксузна тура со воз низ Балканот: Чини најмалку 20.000 евра, а работник од Србија открива кои се најчестите гости
Ексклузивниот воз „Golden Eagle Luxury Trains“, кој сообраќа на рутата од Венеција до Истанбул, деновиве помина низ Сараево и Мостар, нудејќи им на патниците приватни апартмани, ресторани и атмосфера што потсетува на златното доба на железничките патувања.
Луксузниот воз со приватни кабини, ресторани и барови, кој наликува на легендарниот „Ориент експрес“ и на времето кога патувањето со воз било симбол на елеганција, помина низ Сараево во рамки на ексклузивната рута „Balkan Explorer“, една од најскапите и најлуксузни железнички тури во Европа, пренесува Анадолија.
Станува збор за 12-дневно патување од Венеција до Истанбул, при што патниците минуваат низ седум земји и посетуваат некои од најпознатите градови во Југоисточна Европа.
Возот на компанијата „Golden Eagle Luxury Trains“ низ Босна и Херцеговина има застанувања во Сараево и Мостар, додека во другите градови од регионот патниците кратко се задржуваат за да ги разгледаат знаменитостите.
Компанијата организира луксузни железнички патувања низ Европа и Азија, а концептот е спој на носталгија, комфор и ексклузивен туризам.
„Крузер на шини“
Кабините се уредени на ниво на хотел со пет ѕвезди, како хотелски соби или апартмани. Имаат сопствени бањи, тушеви, панорамски прозорци, интернет и простор за одмор. Во ресторан-вагоните се служат оброци подготвени на ниво на ресторани од висока категорија.
Возот во Сараево бил стациониран неколку часа, додека патниците го разгледувале градот.
Во возот работат околу 40 лица, меѓу кои е и Стефан Јовиќ од Србија, кој веќе пет години работи на луксузни железнички тури низ Европа.
- Ова е како крузер, само што не е на вода, туку на шини - вели Јовиќ.
Тој посочува дека патниците на оваа тура не доаѓаат само поради луксузот, туку и поради искуството на панорамско патување низ Балканот и Европа.
- -Тргнавме од Венеција, преку Трст и Словенија, потоа низ Хрватска, Сараево и Мостар, па понатаму кон Белград, Софија и Истанбул - раскажува тој.
Според Јовиќ, гостите најчесто се Американци, за кои ваквиот начин на патување е особено атрактивен.
- -Американците се воодушевени од овој воз, бидејќи кај нив нема вакви железнички патувања. Тие главно користат авиони - вели тој.
Секој детал во возот ја доловува атмосферата на минатите времиња.
- -Потсетува на патувањата од 60-тите и 70-тите години, но сè е ново. Сè зрачи со носталгија и луксуз. Во возот сè е луксузно, но треба да зрачи со луксуз од минатото. Ова е како „Ориент експрес“ - додава Јовиќ.
Сенка Рачиќ од Јавното претпријатие „Железници на Федерацијата Босна и Херцеговина“ изјави дека доаѓањето на овој воз претставува значајно признание за Сараево и за Босна и Херцеговина.
- -Овој луксузен воз потсетува на хотели на тркала и нè враќа во времето на златното доба на железничките патувања - додаде таа.
Возот има осум вагони за спиење со вкупно 32 кабини, два ресторан-вагони и бар-вагон. Рутите се планираат однапред и се одвиваат надвор од редовниот железнички сообраќај.
Капацитетот на возот е до 80 патници, а цените ја потврдуваат ексклузивноста на ова искуство. Најевтината делукс кабина за две лица чини околу 20.100 евра, додека полуксузните апартмани достигнуваат и значително повисоки цени.
