Лукаревска: Одложениот конгрес на СДСМ да заврши пред 30 јуни
Заменик-претседателот на СДСМ,Сања Лукаревска, денеска во „Студио 10“ на ТВ24 рече дека одложениот отчетен конгрес, кој вчера започна па се одложи, треба да биде завршен до 30 јуни,односно пред внатрепартиското гласање за нов лидер и раководство.
- Сметам дека треба да имаме продолжување за многу брзо време. Има посебна работна група која работи на отчетниот конгрес. Таму покрај извештајот, имаме многу други точки на дневен ред за дискутирање. Само едно на крајот можам да кажам - Конгресот на СДСМ е демократско начело и таму секој делегат може да каже што мисли и се надевам дека таму ќе има помалку критизери, а повеќе добронамерни критичари, рече Лукаревска како гостин во студиото.
Делегатите се собраа на најавениот отчетен Конгрес на СДСМ за да се дискутира пред раководството кои грешки доведоа до катастрофален резултат на парламентарните и претседателските избори. Неколку часа по почетокот, се одложи продолжението на Конгресот.
Се појавија шпекулации дека во салата нема доволен број на делегати и дека тоа е причината што Конгресот ќе остане за друг ден. Официјално, општинските организации на СДСМ побараа време да го разгледаат обемниот извештај кој се однесува на парламентарните и претседателските избори.
Паралелно со свикувањето на денешниот отчетен конгрес, во СДСМ започна постапката за избор на нов лидер и целосно ново раководство. Партиските избори се закажани за 30 јуни и има четворица претенденти за претседателската позиција. Претседателот ќе го изберат членовите, со гласање на непосредни избори.
Актуелните пратеници и поранешни министри Венко Филипче и Славјанка Петровска, како и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски поднесоа свои кандидатури за претседател на партијата.
