Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЛУЃЕТО СО ЧАСОВИ СЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ И ПРЕД ТЕЛЕВИЗОР: Како продуктивно да го користиме слободното време?

ЛУЃЕТО СО ЧАСОВИ СЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ И ПРЕД ТЕЛЕВИЗОР: Како продуктивно да го користиме слободното време?

Многу време поминато на социјалните мрежи и пред телевизор, наспроти малку читање, волонтирање, патување, спортување. Вака генерално би го опишале начинот на кој нашите граѓани го исполнуваат слободното време, во однос на луѓето од развиените земји каде навиките се поинакви и времето се користи попродуктивно. Ова може да се поткрепи и со статистики, истражувања, различни ранг-листи објавени во минатото.

Луѓето кај нас со часови се со мобилните телефони во рака, а истражување објавено лани покажа дека децата поминуваат по 7-8 часа во оваа активност, односно колку што трае работното време. Добар дел од слободното време, луѓето го поминуваат и во гледање на телевизија.  Ако ги следиме податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), тие покажуваат дека Македонците малку време одвојуваат за патувања или за волонтерска работа.

„Живееме во време кое ни дава современа технологија и многу подостапно ни е да земеме телефон и си ги добиваме сите информации. Современиот начин на живот си го направи сето тоа. Претходно читавме книги и се сеќавам дека за време на летен и зимски распуст, сме се натпреварувале со другарките која повеќе книги ќе прочита, а сега си симнувам електронска книга. Не се достапни толку многу списанија, стрипови, сѐ е прилагодено за електронско користење. Многу луѓе мислат дека ќе се одморат додека прелистуваат на телефонот или играат игрици. Ако тоа од една страна ни пружа задоволство и се лачи хормонот на среќата, од друга страна таа светлина ги заморува очите. Имаше апели децата да не користат премногу технологија. Останува на нас да се поттикнуваме да правиме нешто корисно и да си ограничиме колку време ќе бидеме на телефон. Треба да си направиме една структура, но и да ги потсетиме децата дека постојат и други игри. Наместо да нѐ управува технологија, ние треба да ја управуваме неа. Многу работи ни се олеснети поради технологијата, но да си најдеме некој баланс, да видиме што ни користи на нас“, вели психологот Розита Андонова.

Истражувањата покажуваат дека Норвешка, Данска, Холандија и Шведска се водечки земји каде што луѓето го користат своето слободно време најпродуктивно. Тие се фокусирани на личен развој, волонтирање, читање и физичка активност.

Според Интернешенал маркетинг комитетот од 38 држави во светот, Македонија во минатото беше на високото трето место по гледање телевизија. Пред нас беа само Србите. Секој Македонец според оваа анализа, во просек по 4 часа и 34 минути дневно поминувал пред телевизор.

И кога станува збор за читање на книги, не можеме да се пофалиме со некој добар резултат. Во 2024 година, македонските граѓани во просек прочитале по 4 книги, односно 94 часа одвоиле за читање, покажа статистиката на worldpopulationreview.  Полоши од нас на таа листа беа Авганистанците, Пакистанците, жителите на Бангладеш, Казахстан, Ирак, Алжир, Мароко и други.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести