ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2017: По кои критериуми граѓаните одлучуваат кому ќе го дадат својот глас?
На 15 октомври граѓаните ширум Македонија на локални избори ќе треба да изберат нови „градски татковци“.
До 13 октомври кандидатите имаат време во текот на кампањата да ги убедат гласачите дека тие се вистинскиот избор и дека можат да придонесат за развој на одредена општина.
Но, по кои критериуми граѓаните одлучуваат за кого ќе гласаат, дали е пресудна партијата или личноста која се кандидирала?
„Претпоставувам дека граѓаните ги земаат предвид сите фактори кога одлучуваат за кого ќе го дадат својот глас. Битна е личноста, особено на локално ниво каде луѓето подобро ги познаваат кандидатите и овде е несомнено значајно таа личност да има углед и интегритет во заедницата, да поседува капацитет да решава проблеми од значење за заедницата како и да донесува значајни одлуки. Сепак, се чини дека политичките партии настојуваат овој избор да го сведат што е можно повеќе на партиска определба. Ова е видливо преку туркањето на „големите“ национални теми на локално ниво, кои што имаат ограничено или никакво влијание на локално ниво. Не треба да се заборави дека на локални избори, не мало влијание имаат и роднинските односно пријателски врски при избор на кандидат“- вели Александар Цеков, аналитичар/истражувач во Центар за истражување и креирање политики.
Според Цеков, граѓаните премалку ја земаат в предвид програмата на кандидатите. Вели дека ако беше поинаку, тогаш веројатно во текот на мандатот повеќе ќе бараа отчетност од самите кандидати за сработеното и ќе бараа да се вклучат повеќе при креирањето на самите програми.
„За жал, нашите истражувања покажуваат дека граѓаните многу малку се запознаени со механизмите за учество при донесување одлуки на локално ниво, за барање отчетност и транспаретност. Значи да резимирам, не е доволно ниту само да се земе предвид програмата на кандидатите при гласањето, туку потребно е граѓаните и самите да учествуваат во креирање на тие програми, како и да ги потсетуваат локалните функционери за предизборните ветувања во текот на мандатот, односно да бараат отчетност и транспаретност при работењето“- вели Цеков.
На овие избори како и претходните во трка за градоначалничка фотелја се многу лекари, поранешни советници во советите на општините, актуелни градоначалници, луѓе кои се докажани во различни сфери.
„Партиите при изборот на кандидати тргнуваат од тоа личноста да биде добро позната во јавноста и меѓу членовите на одредена заедница. Најчесто лекарите се тие што се во постојан контакт со граѓаните и ова им носи предност во старт, што значи дека е значаен фактор кој што значително придонесува за добивање на поддршка. Ова важи и за други професии коишто почесто се во контакт со граѓаните. Сепак, одредена професија не гарантира дека личноста ќе биде и успешен/на политичар/ка, било на локално или на национално ниво“ - смета Цеков.
Право на глас на локалните избори закажани за 15 октомври имаат 1.814.644 гласачи, а ќе учествуваат 19 политички партии и коалиции, но и неколку листи на независни кандидати за општински советници.
Сања Атанасовска
