Економија, финансии, бизнис

Контакт

Локали - за работа после 18 часот ризикувате и затвор - сите инспектори здружено на терен

Локали - за работа после 18 часот ризикувате и затвор - сите инспектори здружено на терен

Од денеска, сите пазарни, санитарни и трудови инспектори се на терен. Тајминг во кој треба да се најдат е во 17.30 часот, оттаму се распоредуваат и стартуваат со контроли. 

За непочитување на владините мерки и за работа после 18 часот, од денеска веќе ќе се одговара и кривично, што значи дека не е исклучена и казна затвор, предупредуваат инспекторите.

Опремени со сите возила што ги имаат на располагање, но и со заштитна опрема, инспекторите одат во теренска контрола да проверуваат дали кафулињата, рестораните, обложувалниците и казината ја почитуваат одлуката на Владата со која се забранува тие да работат после 18 часот.

Фактор ја праша Пазарната инспекција дали и вчера излегле на терен да проверат дали локалите ја почитувале препораката на Владата, која од денеска се издигнува на ниво на Одлука, што значи воопшто нема да има шега и прогледување низ прсти.

„И вчера бевме на терен. Вчера одевме само со опомени, што значи дека на оние што ги затекнавме дека работат, ги опоменивме дека повеќе не смеат да го прават тоа. Мора да кажеме дека сме многу пријатно изненадени од однесувањето на угостителите. Кај нив забележавме сериозна свест за новонастанатата ситуација. Но, непријатно сме изненадени од однесувањето на облчожувалниците и казината, најголем дел од нив не сакаа да ја применуваат мерката. Затоа, во текот на денешниот ден имаме интензивни контакти со нивните сопственици, да ги предупредиме дека ќе мора да ја почитуваат владината одлука, и добивме ветување дека ќе се придржуваат до неа, односно нема да работат“, велат за Фактор од Пазарната инспекција.

Вчера пазарните инспектори немале проблеми само со недисциплинираните локали, туку и со балоните во кои децата играат фудбал, со одредени објекти кои функционираат како пекарници, но во нив се собираат и луѓе....

Од Државниот пазарен инспекторат за фактор потврдија дека само што ја добиле владината Одлука со која строго е забранета работа на локалите после 18 часот. Тие имаат наредба да излезат на терен сите, и санитарните, и пазарните, и трудовите инспектори, секој ќе проверува дали се почитуваат мерките.

На терен на цела држава ќе излезат 100 пазарни инспектори, на територијата на Скопје над 20. Велат дека ги оставаат настрана сите други проверки, и сите сили ќе бидат насочени само кон почитување на одлуката за локалите.

„Сега кога ја имаме владината Одлука, локалите треба да знаат дека за нејзино непочитување ќе одиме со кривични пријави. Тоа ќе значи покрај можните парични казни, дури и казни затвор. Исто така, локалите што ќе се затекнат дека работат, имаме право веднаш да им ставиме клуч на врата се додека траат мерките. Да се надеваме, после серијата денешни разговори дека ќе ги почитуваат одлуките“, велат од Пазарниот инспекторат.

Додаваат и дека пекарниците ќе смеат да работат, но во нив нема да смее да има маси и столици, односно влез и излез на граѓани, туку само ќе може да се набават потребните производи.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести