Лога и Јовески разговараа за пожарот во модуларната болница во Тетово - какви мерки ќе преземат?
Oд Министерството за правда велат дека активности се преземаат во врска со случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово.
Министерот за правда Кренар Лога денеска се сретна со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
„На средбата стана збор за текот на постапките кои ги водат Основното јавно обвинителство Тетово и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово. Со државниот јавен обвинител Јовески се разговараше и за други прашања како што се потребата да се именува обвинител за врски во Еуроџаст( Единица за судска соработка на ЕУ), носење на Упатство за имплементација на Кодекс за ЈО, Стратегијата за развој на правосудниот систем 2023-2027, електронска распределба на предметите во јавните обвинителства и други теми“, велат од Министерството за правда.
За случајот со модуларната болница во Тетово, утре министерот за правда Кренар Лога ќе се сретне и со шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.
На денешниот протест во Тетово, граѓаните бараа правда за 14-те сограѓани кои изгореа во пожарот во модуларната болница пред две години. Тие бараат разрешување на инволвираните обвинители и да поднесат одговорност.Трагедијата се случи на 8 септември 2021 година кога во пожар во модуларната болница загинаа 14 луѓе. Организаторите од иницијативата „Подобро за Тетово“ побараа политичка одговорност за тоа што никој не добил соодветни казни за случајот.
