ЛОГА ДО МИЦКОСКИ: Времето кога политичките партии се однесуваа како во свој приватен двор заврши во 2017 година
Mинистерот за правда Кренар Лога реагира на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за писмото испратено до меѓународниот фактор за „упад“ на парламентарното мнозинство во уставни и независни институции.
„Времето кога политичките партии во Северна Македонија се однесуваа како во свој приватен двор заврши во 2017 година, и тоа благодарение на западната ориентација на земјата и процесот на интеграција координиран со Европската Унија. Документите што Северна Македонија ги има усогласено со Брисел се обврски што произлегуваат од таа агенда, како што се: Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година, Патоказот за Владеење на Правото и Планот за Раст на ЕУ. ОЦЕНСКАТА МИСИЈА на ЕУ (Експертскиот тим, предводен од Бранко Хрватин, поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска) ги даде своите забелешки и препораки во врска со Судскиот совет и тие препораки од ИЗВЕШТАЈОТ се спроведуваат од страна на државните институции. Тенденцијата за дисциплинирање на судството преку јавни и општи пораки не помага во изградбата на Владеење на Правото; индивидуална одговорност треба да постои и тоа го поддржуваме во секој момент, денес и секогаш кога има прекршување“, се вели во реакцијата.
Мицкоски рече дека засегнати од реформите во судскиот и обвинителскиот систем ќе бидат малкумина партизирани обвинители и судии кои негативно влијаат на своите колеги кои работат во согласност со Уставот и законите.Лога испрати писмо до официјален Брисел, Вашингтон и до дел од странските амбасади во земјава и во кое изразува загриженост дека реформите што ВМРО-ДПМНЕ ги најави уште пред изборите во својата програма ќе значат упад во правосудниот систем на државата.
